Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 6:1-14

Римјаните 6:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Што да кажеме на ова? Треба ли да продолжиме да грешиме, за Бог да стане уште поблагонаклонет спрема нас? Никако! Ние сме веќе мртви за гревот. Како би можеле тогаш да продолжиме да живееме во грев? Зар не знаете дека сите што се крстивме, идентификувајќи се така со Исус Христос, преку крштавањето „умревме“ заедно со Него? Кога се крстивме, ние „умревме“ и бевме „погребани“ заедно со Исус. Па како што Христос потоа воскресна од мртвите со помош на величествената сила на небесниот Татко, така и ние, по крштавањето да зачекориме во еден нов живот. Ако на ваков начин се придруживме во Христовата смрт, ќе воскреснеме и ние како што воскресна Тој. Сега знаеме дека нашата стара природа беше закована на крстот и умре заедно со Исус, за да му се одземе силата на гревот во нас. Затоа ние веќе не треба да му бидеме робови на гревот. Гревот не може да владее со мртов човек! Значи, ако „умревме“ со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме. Знаеме дека откако Христос беше воскреснат од мртвите, никогаш нема повторно да умре. Смртта над Него веќе нема моќ. Зашто Тој умре еднаш за да го порази гревот засекогаш, а животот што сега го живее, го живее за слава на Бог. Така и вие треба да сметате дека сте мртви за гревот, а заедно со Исус Христос, да живеете за слава на Бог. Затоа, не дозволувајте му веќе на гревот да владее со вашето смртно тело и не покорувајте им се на неговите грешни похоти! Не дозволувајте ниеден дел од вашето тело да стане орудие на неправедноста и да биде во служба на гревот. Предајте Му се на Бог, затоа што животот што сега го имате ви е подарок од Него. Секој дел од вашето тело нека стане орудие на праведноста и нека биде во служба на Бог. Тогаш гревот не ќе може да владее со вас, затоа што вие веќе не сте му потчинети на Законот, кој би ве подјармил под гревот, туку сте под Божјата благонаклоност, која ве ослободи од Законот.

Римјаните 6:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се наголеми бла­годатта? Никако! Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште? Зар не знаете дека сите оние што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да мо­жеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението, знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот; бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот. А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме, знаејќи дека Христос, откако вос­кресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него. Тоа што Тој умре, за гревот умре еднаш засекогаш, а животот што го жи­вее, за Бога го живее. Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ. И гревот да не царува во вашето смртно тело, за да не им се покорувате на телесните наслади! Не препуштајте му ги на гревот ва­шите органи на телото како орудија на неправедноста, туку препуштете Му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста. Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под Законот, туку под благодатта.

Римјаните 6:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, што ќе речеме? Да останеме ли и натаму во гревот, за да се умножи благодатта? Далеку од тоа! Ние, кои умревме за гревот, како ќе живееме уште во него? Или зар не знаете дека сите ние, кои сме крстени во Исуса Христа, крстени сме во Неговата смрт? И така, преку крштавањето во смртта, погребани сме заедно со Него, - та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Таткото, - така и ние да одиме во нов живот. Зашто ако сме соединети со Него во смртта слична на Неговата, ќе бидеме и во воскресението слично на Неговото. Тоа го знаеме: нашиот стар човек е распнат заедно со Него, за да биде уништено телото на гревот, па да не му робуваме веќе на гревот, зашто тој кој умрел, е оправдан од гревот. А ако умревме со Христа, веруваме дека и ќе живееме со Него, зашто знаеме дека Христос, Кој воскресна од мртвите, веќе не умира: смртта нема веќе власт над Него. Зашто, ако умрел - умрел за гревот еднаш засекогаш, а што живее - живее за Бога. Така и вие сметајте се себеси мртви за гревот, но живи за Бога во Исуса Христа нашиот Господ! И така, нека не царува гревот во вашето смртно тело, па да ги слушате неговите страсни желби! И не давајте му ги вашите членови на гревот за оружје на неправдата, туку предавајте Му се сами себеси на Бога, како оживени од мртвите, а вашите членови на Бога за оружје на правдата! Имено, гревот не ќе има веќе власт над вас, зашто не сте под Законот, туку под благодатта.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност