Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 5:6-15

Римјаните 5:6-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Имено, уште додека бевме беспомошни, во вистинскиот момент Христос умре за нас, иако ние не го познававме Бога. Тешко би се нашол човек што би се понудил да умре дури и за некој праведен човек. За исклучително добар човек, можеби некој и би се решил да умре, но Бог ни покажа колку многу не сака кога Го испрати Христос да умре за нас уште додека бевме грешници. Сега, откако сме оправдани преку крвта на Христос што се пролеа за нас, можеме да бидеме уште посигурни дека заради Исус ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев. Ако додека уште бевме непријатели, се смиривме со Бог преку смртта на Неговиот син, колку посигурни можеме да бидеме сега, кога сме смирени и кога Исус е жив, дека ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев! Затоа имаме причина да се гордееме со Бог и со она што Тој го направи за нас со посредство на нашиот Господ Исус Христос, Кој не смири со Бог. Гревот навлезе во овој свет преку еден човек, односно преку Адам. Гревот ја донесе смртта, која ги зафати сите луѓе, бидејќи сите згрешија. Луѓето беа грешни и кога немаше Закон. Иако во отсуство на Закон ние не го признаваме гревот, сепак, сите што живееја од Адам до Мојсеј, кога беше даден Божјиот Закон, не ја одбегнаа смртта. Сите умреа, иако не направија грев каков што направи Адам: не прекршија јасно изречена Божја заповед. Но со подарокот не е исто како со престапот. Додека престапот на еден човек им донесе смрт на многумина, љубовта на еден друг човек, на Исус Христос, им носи изобилно простување на мнозина, како подарок кој произлегува од Божјата благонаклоност.

Римјаните 5:6-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Зашто, уште кога бевме слаби, Христос во одреденото време умре за безбожниците. Навистина, тешко би можел некој да умре за праведник, а за добар, можеби, некој и би се решил да умре. Но Бог ја докажа љубовта Своја кон нас, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни. Затоа сега, откако веќе сме оправдани со крвта Негова, многу повеќе ќе се спасиме преку Него од гревот. Зашто, ако се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син, уште додека бевме непријатели, тогаш уште повеќе ќе се спасиме преку Неговиот живот, откако сме се помириле. А освен тоа, и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого добивме сега помирување. Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија. Навистина и порано уште пред За­конот имаше грев во светот, но гревот како таков не може да се прифати, кога нема закон. А сепак смртта царуваше уште од Адам, па сѐ до Мојсеј и над оние што не погрешија според престапот на Адам. Тој е пралик на Оној што требаше да дојде. Но со дарот не е исто како и со престапот. Зашто ако поради престапот на еден изумреа мнозина, тогаш Бож­ја­та благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос, во многу поголемо изобилство ќе се излее врз мнозина.

Римјаните 5:6-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто, додека уште бевме слаби, Христос умре во определено време за безбожниците. За праведник одвај некој ќе умре, а за добриот можеби некој и ќе се осмели да умре. Но Бог ја покажа Својата љубов кон нас со тоа, што Христос умре за нас, додека уште бевме грешници. Сега, откако сме оправдани во Неговата крв, многу повеќе ќе се спасиме од гневот Божји преку Него. Зашто, ако сме помирени со Бога преку смртта на Неговиот Син, додека бевме непријатели; толку повеќе - веќе помирени - ќе се спасиме во Неговиот живот. И не само тоа, туку и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого добивме сега помирување. Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот - смртта; така смртта помина на сите луѓе, зашто сите згрешија. Имено: гревот беше во светот уште пред Законот; но гревот не се засметува кога нема Закон. Смртта пак царуваше од Адама до Мојсеја и над оние, кои не згрешија со сличен престап како Адам, кој е слика на Оној кој доаѓа. Но дарот на благодатта не е како престапувањето; зашто ако преку престапувањето на еден изумреа мнозина; многу поизобилно се излеа на мнозина Божјата благодат и дарот преку благодатта на еден Човек, Исус Христос.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност