Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 3:21-28

Римјаните 3:21-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Сега Бог ни покажа како можеме да се здобиеме со праведност: не преку придржување кон уредбите во Мојсеевиот Закон, туку онака како што одамна беше ветено во Светото Писмо: пред Бог можеме да се здобиеме со праведност само преку вера во Исус Христос. Тоа важи за секој што верува, бидејќи меѓу луѓето нема никаква разлика, зашто сите згрешија и никој не успеа да ги достигне Божјите возвишени стандарди. Но поради Својата милостива благонаклоност, Бог не прогласува за праведни. Оправданието ни е подарено преку откупот што за нашите гревови го плати Исус Христос. Него Бог јавно Го испрати да биде помирителна жртва за оние што со вера го прифаќаат тоа. Бог ни покажа дека беше праведен во минатото кога трпеливо преминуваше преку гревовите на луѓето за потоа да ги наплати преку жртвуваната крв на Исус Христос. Бог ни покажува дека е праведен и сега кога го оправдува секој што верува во Исус. Така Неговата праведност никогаш не е доведена во прашање. Има ли тука место некој од нас да се фали? Таквата можност е целосно исклучена! Според кој закон фалењето е исклучено: според оној на нашите постигнувања ли? Не, туку според законот што се темели врз верата! Ние согледуваме дека човек се оправдува пред Бог преку верата, а не преку придржување кон уредбите во Законот.

Римјаните 3:21-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А сега независно од Законот се јави Божјата праведност, посведочена од Законот и од Пророците. Божјата праведност преку верата во Исус Христос е во сите и врз сите оние што веруваат. Зашто нема разлика, сите згрешија и лишени се од славата Божја. Но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исус Христос. Него Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку ве­рата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение, за да ја покаже Својата праведност во сегашно време, дека е Тој справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исус. Каде е, пак, пофалбата? Таа е ис­клучена. Според кој закон? Дали според оној на делата? Не, туку според законот на верата. Така ние заклучуваме дека човекот се оправдува со верата, без делата на Законот.

Римјаните 3:21-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А сега, независно од Законот, се јави Божјата правда, за која сведочат Законот и пророците, и тоа Божјата правда, преку верата во Исуса Христа, за сите кои веруваат, бидејќи нема разлика; зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава, но се оправдуваат од Неговата благодат, преку откупот во Христа Исуса, Кого Бог Го постави за жртва на помирувањето преку вера, во Неговата крв, за да се покаже Неговата правда во пропуштањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение; та да ја покаже Својата правда во сегашно време, за да биде Самиот праведен и за да го оправда оној, кој е од верата на Исуса. И така, каде е фалењето? Исклучено е. Според кој закон? Според законот на делата ли? Не, туку според законот на верата. И така, ние заклучуваме дека човекот се оправдува преку верата, без делата на Законот.