Римјаните 15:1-6
Римјаните 15:1-6 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Ние што имаме посилна вера треба да ја поднесуваме слабоста на оние со послаба вера, а не да си угодуваме самите на себе. Секој од нас треба да им угодува на христијаните што се околу него, за нивно добро, за да ги изградува. Ни Христос не си угодуваше Себеси, туку, како што е напишано: „Навредите што беа наменети за Тебе, паднаа врз Мене.“ Се што во минатото е напишано во Светото Писмо, напишано е за ние да се поучиме, да оцврснеме, да се охрабриме и да не губиме надеж. А Бог, Кој е изворот на нашата стрпливост и утеха, нека ви даде слога меѓу вас и секој да го следи примерот на Исус Христос, па сите заедно и сложно да Го прославувате Бога, Таткото на нашиот Господ Исус Христос.
Римјаните 15:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ние, силните, должни сме да ги поднесуваме слабостите на немоќните, и да не си угодуваме на себеси. Секој од нас должен е на својот ближен да му угодува со она што е добро за неговата надградба. Зашто и Христос не си угоди на Себе Самиот, туку како што е напишано: „Подбивите на оние што Ти се подбиваа, паѓаат врз Мене.“ А сѐ што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж. А и Бог на трпението и утехата да ви даде да бидете во едномислие меѓу себе, според примерот на Христос Исус, та еднодушно и со една уста да Го славите Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос.
Римјаните 15:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ние силните должни сме да ги носиме слабостите на слабите, а да не си угодуваме сами на себеси. Секој од нас нека му угодува на ближниот, во негова полза, за добро, зашто ни Христос не Си угодуваше Сам на Себеси, туку како што е напишано: „Хулите на оние, кои Те хулеа, паднаа на Мене.“ Навистина, сѐ што е напишано некогаш, напишано ни е нам за поука, за да имаме надеж преку трпението и преку утехата од Писмата. И Бог на трпението и утехата да ви даде едномислие меѓу вас по примерот на Исуса Христа, за да Го славите, еднодушно, со една уста, Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос.