Римјаните 14:1-23
Римјаните 14:1-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Слабиот во вера прифатете го, но без расправии за мислењата! Еден верува дека може да јаде сѐ, а слабиот во верата јаде само зеленчук. Кој јаде, нека не го укорува оној што не јаде; и кој не јаде, нека не го осудува оној што јаде, бидејќи Бог го прифатил. Кој си ти што му судиш на туѓ слуга? Пред својот господар тој стои или паѓа, а ќе стои исправено, зашто Бог има моќ да го исправи. Така некој разликува еден ден од друг, а некој друг, пак, сите денови ги смета еднакви. Секој нека биде наполно уверен во своето мислење. Оној што ги разликува деновите, ги разликува за Господ; и кој не ги разликува деновите, за Господ не ги разликува. Кој јаде, за Господ јаде, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господ не јаде и Го фали Бога. Зашто никој од нас не живее за себе и никој не умира за себе; туку, било да живееме или да умираме, за Господ живееме и за Господ умираме, – ние Му припаѓаме на Господ. Според тоа – живееме ли, умираме ли – Господови сме. Бидејќи Христос затоа и умре и воскресна и оживеа, за да господари и над мртвите, и над живите. А ти, зошто го осудуваш братот свој! Или ти, што го укоруваш братот свој? Зашто сите ќе застанеме пред судот Христов. Зашто е напишано: „Јас сум жив, вели Господ, зашто пред Мене ќе се свитка секое колено и секој јазик ќе Го славослови Бога.“ И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе. Затоа, пак, да не се судиме еден со друг, туку подобро расудувајте за тоа вака: не поставувај му на својот брат спрепка или соблазна. Знам и уверен сум преку Господ Исус Христос дека нема ништо нечисто само по себе; освен кога некој мисли дека е нешто нечисто, за него тоа е нечисто. А ако, пак, братот твој се скрби поради тоа што го јадеш, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со своето јадење оној за кого Христос умре. Нека не се хули на она што е добро според вас! Царството Божјо не е во јадењето или пиењето, туку во праведност и мир и радост во Светиот Дух. Зашто, оној кој Му служи на Христос со овие работи, тој Му се допаѓа на Бога и мил им е на луѓето. И така, да го бараме она што служи за мир и взаемно надградување. Поради јадење не уривај го делото Божјо! Навистина сѐ е чисто, а тешко е за оној човек, кој јаде поради соблазна; подобро е да не јадеш месо, да не пиеш вино и да не правиш ништо од кое братот твој би можел да се сопне, или да се соблазнува, или, пак, да слабее. Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога. Блазе на оној кој не се осудува себе самиот за она што го одобрува. А ако некој се сомнева кога јаде, осуден е; зашто не јаде со вера; а сѐ што не е според верата, грев е.
Римјаните 14:1-23 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Прифатете ги оние христијани кои имаат послаба вера, без да ги осудувате за тоа што по одредени прашања имаат поинакво мислење од вас. На пример, некој верува дека смее да јаде се. Друг, пак, затоа што има послаба вера, смета дека смее да јаде само растителна храна. Оној што јаде се не треба да го презира оној што не јаде се и обратно. Бог ги прифаќа и едните и другите. Со кое право осудуваш туѓ слуга!? Единствено неговиот Господар има право да го прифати или да го отфрли. Не грижете се, Господ ќе ги зачува од сериозни грешки. Тој е способен да ги одржи на здрави нозе. Исто така некои христијани сметаат дека некој ден во неделата е поважен од другите, а други ги сметаат сите денови за еднакви. Секој нека си остане на своето уверување. Оние што на одреден ден му даваат поголемо значење од другите денови во неделата, го прават тоа од почит спрема Господ. Исто така и оние што јадат секаков вид храна, го прават тоа од почит спрема Господ, бидејќи пред да почнат да јадат, Му се заблагодаруваат на Бог. Но и оние што прават разлика меѓу храна што смее да се јаде и храна што не смее да се јаде, го прават тоа од почит спрема Господ и на тој начин сакаат да Му искажат благодарност. Никој од нас христијаните не живее за себе и не умира за себе. Додека сме живи, живееме за Господ. Кога умираме, умираме за да Му се придружиме на Господ. Живи или мртви, ние Му припаѓаме на Господ. Всушност, токму заради ова Христос умре и воскресна, за да им биде Господ и на живите и на мртвите. Тогаш, зошто ги критикувате другите христијани? Зошто дури и ги презирате? Не заборавајте дека секој од нас ќе застане пред Божјиот судски престол! Во Светото Писмо, Господ вели: „Во Себе се колнам, бидејќи Сум вечно жив, дека секое колено пред Мене ќе клекне, секој јазик на Бог ќе Му се исповеда!“ Значи, секој од нас, лично за себе ќе полага сметка пред Бог. Слобода, но и одговорен однос Затоа, да престанеме да се осудуваме едни со други! Да се трудиме да не им поставуваме сопки и стапици на другите христијани. Знаејќи го учењето на Господ Исус, јас сум убеден дека нема забранета храна поради верски причини. Меѓутоа, ако некој смета дека не треба да јаде извесен вид храна, тој од неа се гнаси. Затоа, ако со храната што ти ја јадеш ги повредуваш чувствата на некои христијани, ти не постапуваш со љубов. Христос умре за нив. Немој поради храна да уништиш некоја душа за која Христос умре! Не дозволувај предноста што ја имаш да предизвика напаѓање на христијанството! Зашто, жителството во Божјото царство не е условено од она што човек го јаде и пие, туку од тоа дали живее праведен живот и дали ги има мирот и радоста што ги дава Светиот Дух. Ако Му служите на Христос со таков дух, ќе му бидете по волја на Бог, а и луѓето ќе ве почитуваат. Затоа, да се стремиме кон она што внесува мир меѓу христијаните и заемно не изградува. Немојте заради храна да го рушите Божјото дело! Навистина, се смее да се јаде, но лошо е ако со она што го јадете предизвикувате некој да се соблазни. Најдобро е да не јадете месо, да не пиете вино и да не правите ништо што може да предизвика некој од христијаните да се соблазни. Тоа што го верувате во врска со овие нешта, нека остане меѓу вас и Бог. Среќен е оној што не се чувствува виновен кога прави нешто што го смета за правилно. Но ако некој се колеба дали нешто смее да јаде, или не, а сепак го јаде, тој самиот себе се осудува, бидејќи не постапува со цврста увереност. Се што правите спротивно од вашето цврсто уверување е грев.
Римјаните 14:1-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Примајте го слабиот во верата, не со препирки за мислењата! Еден верува дека смее да јаде сѐ; а кој е слаб, јаде само зеленчук. Кој јаде, нека не го презира оној, што не јаде; а оној, кој не јаде, нека не го осудува оној, што јаде, зашто Бог го примил. Кој си ти, за да му судиш на туѓ слуга? Тој стои или паѓа пред својот господар; а ќе стои, зашто Господ е силен да го постави да стои. Еден разликува ден од ден, а друг ги смета сите денови еднакви. Само секој да биде наполно уверен во своето мнение! Кој го пази денот, го пази за Господа; кој јаде, јаде за Господа, зашто Му благодари на Бога; и кој не јаде, за Господа не јаде, и тој Му благодари на Бога. Никој од нас не живее за себеси и никој не умира за себеси, зашто ако живееме, живееме за Господа; ако умираме - умираме за Господа. Затоа: живееме ли, умираме ли, Господови сме, зашто Христос затоа умре и оживе, - за да господари и над мртвите и над живите. А ти, зошто го осудуваш својот брат? Или ти, зошто го презираш својот брат? Зашто, сите ќе застанеме пред Христовиот судски престол, зашто е напишано: „Јас Сум жив - вели Господ - Мене ќе Ми се поклони секое колено; и секој јазик ќе Го исповеда Бога.“ И така, секој од нас ќе одговара пред Бога за себе. Затоа, да не се осудуваме веќе еден друг, туку подобро да мислиме за тоа: никој да не поставува пред братот сопки или соблазни! Знам, и уверен сум во Господа Исуса, дека ништо не е нечисто само по себе, туку само за оној, кој смета дека нешто е нечисто - нему му е нечисто. Зашто, ако се жалости твојот брат заради јадење, ти веќе не постапуваш според љубовта. Не погубувај го со твоето јадење оној, за кого Христос умрел. И така, не дозволувајте да се хули на вашето добро! Зашто Божјото Царство не се состои во јадење и пиење, туку во правда, и мир и радост во Светиот Дух. Имено, кој со ова Му служи на Христа, угоден Му е на Бога и мил им е на луѓето. И така, да го бараме она, што е за мир и за заемна надградба! Не разурнувај го Божјото дело - заради јадење! Сѐ е чисто; но е зло за човекот, кој јаде на соблазан. Добро е да не се јаде месо, ниту да се пие вино, ни да се прави нешто, поради што твојот брат се сопнува или соблазнува, или слабее. Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога! Блажен е оној, кој не се осудува себеси за она, што го смета за добро. А кој се сомнева кога јаде, се осудува, зашто не е од вера; а сѐ што не е од вера, грев е.