Римјаните 11:11-16
Римјаните 11:11-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ви велам пак: зар се сопнаа за да паднат? Не! Но со нивниот престап дојде спасението за незнабошците, за да се возбуди во нив ревност. Ако, пак, нивниот престап значи богатство за светот, и нивниот намален број – богатство за незнабошците, колку повеќе ќе значи нивната потполност. Вам, незнабошци, ви велам; до колку сум јас апостол на незнабошците, ја прославувам својата служба, та некако да возбудам ревност во својот род по тело, и некого од нив да спасам. Зашто, ако нивното отфрлање значи измирување за светот, тогаш што ли друго ќе значи нивното примање, ако не оживување од мртвите? Ако првиот дел од тестото е свет, тогаш свето е и целото тесто: и ако е коренот свет, свети се и гранките.
Римјаните 11:11-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Дали тоа значи дека Израелците отпаднаа и никогаш повеќе нема да закрепнат? Се разбира, не! Нивната грешка им овозможи на другите народи да се спасат, а во исто време кај Израелците тоа предизвика поголема ревност. Ако нивната грешка му донесе толкав благослов на светот, ако нивниот намален број им донесе толкаво духовно богатство на другите народи, колку поголем благослов за светот ќе биде кога и Израелците целосно ќе го прифатат Божјиот план за спасение!? Сега ви се обраќам вам, што не сте Евреи. Се додека сум ваш апостол ќе се гордеам со тоа што ми е доверена таа задача, која грижливо ја извршувам. Можеби така ќе предизвикам љубомора кај моите сонародници, Евреите, па и од нив некој да се спаси. Зашто, ако Бог им го понуди спасението на другите народи откако Евреите го отфрлија, што ли ќе биде кога и тие ќе го прифатат!? Тоа ќе значи оживување на оние што дотогаш биле мртви! Ако почетното тесто е свето, свети ќе бидат сите лебови месени од него. Ако коренот е свет, свети ќе бидат и гранките.
Римјаните 11:11-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така прашувам: да не се сопнаа, за да паднат сосем? Да не биде! Туку преку нивното сопнување им дојде спасение на народите, за да ги поттикнат на ревност. Ако нивното сопнување значи богатство за светот, а нивното отпаѓање богатство за народите, колку повеќе ќе биде нивната полнота! Но ви зборувам вам, народи; бидејќи сум апостол на народите, јас ја прославувам мојата служба, та на некој начин да го поттикнам на ревност својот род и да спасам некои од нив. Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, какво ли ќе биде нивното примање, ако не живот од мртвите? Ако се свети првите плодови - и тестото е; ако е коренот свет - и гранките се.