Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Римјаните 11:1-36

Римјаните 11:1-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Значи ли тоа дека Бог му го сврте грбот на Својот народ Израел? Никако! Не заборавајте дека и јас сум Израелец, потомок на Авраам, од родот на Бинјамин. Не, Бог не му го сврте грбот на Својот народ што го одбра уште од самиот почеток. Се сеќавате ли што вели Светото Писмо за ова? Пророкот Илија му се пожали на Бог од Израелците, велејќи: „Господе! Тие ги убија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници! Само јас останав, а и мене ме бараат за да ме убијат!“ Но еве што му одговори Бог на Илија: „Не си само ти! Имам уште седум илјади души што не клекнаа на колена пред кипот на богот Баал!“ Така е и денеска. Не застранија од Бог сите Израелци. И од нив има верни, избрани по Божја милост. Тие имаат спасение бидејќи Бог им е милостиво благонаклонет, а не затоа што тие со своите постапки тоа го заслужиле. Да не беше така, милостивата благонаклоност немаше да биде тоа што е: незаслужен подарок! Заклучокот е дека само мал број одбрани го добија она што сите Израелци го бараа. Останатите беа тврдоглаво непослушни, За нив во Светото Писмо е напишано: „Бог ги препушти на нивното мртвило: очите да не им гледаат, ушите да не им слушаат, и такви се се до ден денешен.“ За истата работа зборува и Давид, кога вели: „Нивната трпеза во замка да им се претвори, мрежа во која ќе се уловат, казна што ја заслужуваат! Очите нека им се помрачат, за да не гледаат и довека грбави да одат!“ Непослушноста на Израелците - можност за другите народи Дали тоа значи дека Израелците отпаднаа и никогаш повеќе нема да закрепнат? Се разбира, не! Нивната грешка им овозможи на другите народи да се спасат, а во исто време кај Израелците тоа предизвика поголема ревност. Ако нивната грешка му донесе толкав благослов на светот, ако нивниот намален број им донесе толкаво духовно богатство на другите народи, колку поголем благослов за светот ќе биде кога и Израелците целосно ќе го прифатат Божјиот план за спасение!? Сега ви се обраќам вам, што не сте Евреи. Се додека сум ваш апостол ќе се гордеам со тоа што ми е доверена таа задача, која грижливо ја извршувам. Можеби така ќе предизвикам љубомора кај моите сонародници, Евреите, па и од нив некој да се спаси. Зашто, ако Бог им го понуди спасението на другите народи откако Евреите го отфрлија, што ли ќе биде кога и тие ќе го прифатат!? Тоа ќе значи оживување на оние што дотогаш биле мртви! Ако почетното тесто е свето, свети ќе бидат сите лебови месени од него. Ако коренот е свет, свети ќе бидат и гранките. Вие сте како гранки од дива маслинка, накалемени на питомо дрво. Некои гранки беа откршени, а вие го зазедовте нивното место и сега заедно ги уживате благодатите од сочниот корен на питомата маслинка. Немојте да мислите дека вие сте подобри од гранките што беа откршени! Не заборавајте дека не сте вие тие што го одржуваат коренот, туку тој вас ве одржува во живот! Можеби ќе речете: „Тие гранки беа откршени за да направат место за нас!“ Тоа е вистина. Тие беа откршени бидејќи не Му веруваа на Бог, а вие го зазедовте нивното место затоа што Му верувате. Затоа, немојте да бидете горделиви, туку имајте страхопочит. Зашто, ако Бог не ги поштеди првобитните, природни гранки, ни вас нема да ве штеди! Забележете колку добар, но и колку строг може да биде Бог. Строг спрема оние што Му откажуваат послушност, а добар спрема вас, доколку останете приврзани спрема Неговата благонаклоност. Во спротивно, и вие ќе бидете отсечени! Ако Евреите се одвратат од своето неверување, Бог повторно ќе ги накалеми на нивното поранешно место. Бог е способен да го стори тоа. Зашто, кога Бог може вас, кои бевте отсечени од дива маслинка и, наспроти она што е природно, да ве накалеми на питомата маслинка, колку полесно ќе може одново да ги накалеми гранките што природно му припаѓаат на питомото дрво! Драги пријатели христијани, сакам да ја разберете оваа тајна, за да не ве фати горделивост, па да почнете да се фалите дека сте многу мудри! Тврдоглавоста на дел од Израелците ќе трае се додека не се пополни бројот од другите народи што ќе дојдат кај Христос. Тогаш сите Израелци ќе бидат спасени, како што е напишано во Светото Писмо: „Избавителот ќе дојде од Ерусалим и ќе ги обрати Израелците од сета нивна безбожност. Така Јас ќе го исполнам Мојот завет спрема нив и ќе ги отстранам нивните гревови.“ Поголемиот број од Израелците се непријатели на Радосната вест, но тоа испадна за ваша полза, вие да ја слушнете Радосната вест. Но тие се сепак одбран народ и Бог ги сака заради нивните предци. А Бог не си ги зема назад даровите што ги дал, и кога некого ќе одбере, не се предомислува. Порано и вие Му бевте непослушни на Бог. Но откако Евреите ја одбија милоста што Бог им ја понуди, Тој ја пренасочи Својата милост кон вас. Сега, кога тие Му се непослушни на Бог, Тој ја насочува Својата милост спрема вас. Но, еден ден и тие ќе учествуваат во Божјата милост. За извесно време Бог ги остава сите луѓе во затворот на нивната непослушност, за потоа спрема сите да покаже милост. О колкава длабочина и богатство има во мудроста и знаењето на Бог! Колку тешко можеме да ги сфатиме Неговите одлуки и начинот на кој Тој дејствува! „Кој може да знае што мисли Господ? Кој има толкаво знаење за да Му биде советник?“ „Кој Нему нешто Му дал, па да очекува да му биде вратено?“ Се доаѓа од Него и се се одржува во живот преку Него. Се е Негово. Нему нека Му е слава во вечни времиња! Амин.

Римјаните 11:1-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И затоа, ви велам: Зар Бог го отфрли Својот народ? Никако! Зашто и јас сум Израелец, од семето Авраамово, од коленото Венијаминово. Бог не го отфрли Својот народ, кој однапред го одбра. Или, пак, не знаете што кажува Писмото за Илија, како тој Му се пожали на Бог Израелов, велеј­ќи: „Господи, ги убија пророците Твои и ги раскопаа жртвениците Твои; јас ос­танав сам, и сакаат да ми ја земат душа­та.“ А како му вели Божјиот одговор: „Си оставив седум илјади мажи, кои не ги свиткаа колената пред Ваал.“ Така и во сегашно време има еден остаток избран по благодат. Но, ако е по благодат, не е веќе по дела, зашто тогаш благодатта не би би­ла благодат. И што тогаш? Израел не го доби она што го бараше; избраните, пак, го добија, а другите се закоравија, како што е напишано: „Бог им даде дух што не чувствува: очи да не гледаат и уши да не слушаат, сѐ до денешниов ден.“ И Давид вели: „Трпезата нивна да им биде стапица, клопка, соблазна и от­плата; да им се замрачат очите нивни за да не гледаат, и грбот нивни да им се свитка засекогаш.“ Ви велам пак: зар се сопнаа за да паднат? Не! Но со нивниот престап дој­де спасението за незнабошците, за да се возбуди во нив ревност. Ако, пак, нивниот престап значи богатство за светот, и нивниот намален број – богатство за незнабошците, колку повеќе ќе значи нивната потполност. Вам, незнабошци, ви велам; до кол­ку сум јас апостол на незнабошците, ја прославувам својата служба, та некако да возбудам ревност во својот род по тело, и некого од нив да спасам. Зашто, ако нивното отфрлање зна­чи измирување за светот, тогаш што ли друго ќе значи нивното примање, ако не оживување од мртвите? Ако првиот дел од тестото е свет, тогаш свето е и целото тесто: и ако е коренот свет, свети се и гранките. Ако, пак, некои од гранките се ск­р­шени, а ти, кој си дива маслинка, си бил прикалемен на нивното место и си ста­нал заедно со нив соучесник во сочниот корен на маслинката, не биди горделив пред гранките! А ако сепак, се возгордееш, треба да зна­еш дека ти не го држиш коренот, туку коренот тебе! Но ти тогаш ќе кажеш: гранките беа откршени за да бидам јас прикалемен. Добро. Тие поради неверие беа от­кршени, а ти поради вера се држиш: не­мој да бидеш горделив, туку имај страв. Зашто, ако Бог не ги поштедил при­родните гранки, нема ни тебе да те поштеди. Гледај ја, пак, Божјата благост и строгост: строгост кон отпаднатите, а благост кон тебе, ако издржиш во бла­госта; во спротивно, и ти ќе бидеш от­сечен. Но, тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог има моќ пак да ги прикалеми. Зашто, ако си ти откинат од мас­линка која е по природа дива, и против природата си прикалемен на питома маслинка, тогаш колку полесно ќе би­дат прикалемени на својата маслинка оние кои по природа потекнуваат од неа. Сакам, браќа, за да не си помислите во себе дека сте мудри, да ја знаете оваа тајна: дека закоравувањето само со еден дел падна врз Израел, додека да настапи потполноста на незнабошците. И така целиот Израел ќе биде спа­сен, како што е напишано: „Ќе дојде од Сион Ослободителот и ќе ја одврати безбожноста од Јаков. И тоа им е ним завет од Мене кога ќе ги одземам нивните гревови.“ Со оглед на Евангелието, тие се не­пријатели Божји поради вас; но со оглед на изборот, тие се возљубени од Бога за­ради татковците, зашто даровите и повикот Божји се неотповикливи. Како што и вие некогаш бевте не­послушни кон Бога, а сега се здобивте со милост, поради нивната непослуш­ност, така и тие сега станаа непослушни, поради вашето помилување, та и самите да се здобијат со милост. Зашто Бог ги затвори сите со не­послушност, па кон сите да покаже ми­лост. О, длабочино на богатство, мудрост и знаење Божјо! Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Него­ви­те патишта! Зашто, кој ја познал мислата на Господ? Или, кој Му бил советник? Или, кој однапред Му дал нешто за да му биде отплатено? Зашто, сѐ е од Него, според Него и за Него. Нему слава во вечни векови. Амин!

Римјаните 11:1-36 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, прашувам: „Дали Бог го отфрли Својот народ? Далеку од тоа! Зашто и јас сум Израелец, од Авраамовото потомство, од Венијаминовото племе. Бог не го отфрли Својот народ, кого го знаеше однапред. Или не знаете што вели Писмото, за Илија, како вика кон Бога против Израел, велејќи: “Господи, ги погубија Твоите пророци, ги разурнаа Твоите жртвеници; а јас останав сам, па и мојот живот го бараат.“ А што му вели Божјиот одговор: „Си оставив за себе седум илјади луѓе, кои не ги преклонија колената пред Ваала.“ Така е и во сегашното време, остана еден Остаток избран по благодатта. Но, ако е по благодат, тогаш не е по дела; зашто инаку благодатта не би била веќе благодат. Тогаш што? Израел не го доби она, што го бараше, а избраните го добија; а другите беа закоравени, како што е напишано: „Бог им даде дух на мртвило, очи да не гледаат и уши да не слушаат до денешниот ден.“ И Давид зборува: „Нивната трпеза да им биде стапица, и мрежа и соблазан и одмазда! Очите нека им се помрачат, за да не гледаат! А плеќите свиткај им ги засекогаш!“ И така прашувам: да не се сопнаа, за да паднат сосем? Да не биде! Туку преку нивното сопнување им дојде спасение на народите, за да ги поттикнат на ревност. Ако нивното сопнување значи богатство за светот, а нивното отпаѓање богатство за народите, колку повеќе ќе биде нивната полнота! Но ви зборувам вам, народи; бидејќи сум апостол на народите, јас ја прославувам мојата служба, та на некој начин да го поттикнам на ревност својот род и да спасам некои од нив. Зашто, ако нивното отфрлање е помирување за светот, какво ли ќе биде нивното примање, ако не живот од мртвите? Ако се свети првите плодови - и тестото е; ако е коренот свет - и гранките се. Ако се откршени некои гранки, и ти, кој си дива маслинка, си накалемен меѓу нив и си станал соучесник во сочниот корен на маслинката, не фали се пред гранките! Ако се фалиш, знај дека ти не го носиш коренот, туку коренот - тебе! Но ќе речеш: „Гранките се откршени, за да бидам јас прикалемен!“ Добро! Поради неверието се откршија, а ти стоиш преку верата. Не гордеј се, туку бој се! Зашто, ако Бог не ги поштеди природните гранки, не ќе те поштеди ни тебе. И така, гледај ги Божјата благодат и строгост: строгоста се пројавува кон паднатите, а Божјата благодат кон тебе, ако истраеш во благодатта - зашто инаку и ти ќе бидеш отсечен. А и тие, ако не останат во неверието, ќе бидат прикалемени, зашто Бог може пак да ги прикалеми. Зашто, ако си ти отсечен од природната дива маслинка и, против природата - си прикалемен на питомата маслинка, колку полесно ќе бидат прикалемени врз сопствената маслинка оние, кои ѝ се природни. Не сакам, браќа, да ви остане непозната оваа тајна, за да не мудрувате по своја мудрост: еден дел на Израел закораве, додека народите не влезат во полн број. И така, целиот Израел ќе се спаси, како што е напишано: „Избавителот ќе дојде од Сион; ќе ја одврати безбожноста од Јакова. И ова им е Завет од Мене кон нив, кога ќе им ги отстранам гревовите.“ Со оглед на Евангелието, тие се непријатели заради вас, но по изборот возљубени се, заради татковците. Зашто Божјите дарови и Неговиот позив не го познаваат каењето. Како што и вие му бевте некогаш непокорни на Бога, а сега добивте милост поради нивното непокорство, така и тие станаа сега непокорни, заради вашето помилување, за да бидат и тие помилувани. Зашто Бог ги затвори сите во непокорство, за да покаже милост кон сите. О длабочино на богатството, премудроста и Божјото знаење! Колку се недостижни Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта! Зашто кој ја запознал Господовата мисла? Или кој Му бил советник? Или кој Му дал нешто однапред, за да му биде вратено?“ Зашто сѐ е од Него, преку Него и за Него. Нему слава во векови. Амин!