Римјаните 10:17-21
Римјаните 10:17-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Затоа, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од Божјото слово. Но велам: зар тие не слушнаа? Напротив. „Гласот им се разнесе по целата земја, и зборовите нивни – до краиштата на вселената.“ Пак велам: зар Израел не разбра? Најнапред Мојсеј кажа: „Јас ќе ве раздразнам до љубомора со оние кои не се народ; со неразумен народ ќе ве разгневам.“ А Исаија се осмели да каже: „Ме најдоа оние кои не Ме бараа, им се открив на оние, кои не прашаа за Мене.“ За Израел, пак, вели: „Постојано ги подавав рацете Свои кон народ непослушен и бунтовен.“
Римјаните 10:17-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Сепак, верата доаѓа преку слушање, и тоа преку слушање на Радосната вест за Христос. Но зарем Израелците не чуле? Се разбира дека чуле: „Гласот на Божјите созданија низ целата Земја се ори до крајот на светот зборот им се гласи.“ Пак ќе речам, зар на Израелците не им е јасно? Уште преку Мојсеј Бог им порача: „Ќе предизвикам љубомора кај вас, благословувајќи други народи што сега не се Мој народ, ќе се лутите кога ќе ги благословам неупатените народи!“ Пророкот Исаија храбро им кажа од името на Бог: „Ме најдоа оние што не Ме бараа, им се објавив на оние што не прашуваа за Мене.“ А за Израелците, Бог вели: „По цел ден ги ширев рацете кон вас, непослушен и инаетлив народе!“
Римјаните 10:17-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И така, верата доаѓа од слушањето, а слушањето од Христовото слово. Но велам: „Зар тие не слушнаа?“ Напротив: „Гласот им излезе по целата земја, и нивните зборови до крајот на светот.“ Пак прашувам: „Зар Израел не разбра? Мојсеј прв рече: „Јас ќе предизвикам ревност во вас - преку оние, што не се народ и ќе разбудам во вас гнев, против еден неразумен народ.“ А Исаија пак се осмелува да рече: „Ме најдоа оние, кои не Ме бараа, и им се јавив на оние, кои не прашуваа за Мене.“ А за Израел говори: „Цел ден ги протегав Своите раце кон народ непослушен и противречлив.“