Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 7:9-17

Откровение 7:9-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа погледнав и наеднаш пред мене се појави множество народ, кое никој не можеше да го изброи. Имаше луѓе од секоја раса, од секое племе, народ и јазик. Тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете, и на цел глас пееја: “Спасението е дело на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!“ Сите ангели, кои стоеја околу престолот, околу старешините и околу четирите суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, велејќи: “Амин! На нашиот Бог Му припаѓа благослов, слава, мудрост, благодарност, чест, власт и моќ! Амин!“ Еден од старешините ме праша: „Знаеш ли кои се и од каде доаѓаат овие што се облечени во бели облеки?“ Јас му одговорив: „Господине, Ти го знаеш тоа!“ Тогаш тој ми рече: „Тоа се оние што минаа низ големи страдања. Тие ги избелија своите облеки перејќи ги во крвта на Јагнето. Затоа сега стојат пред Божјиот престол и деноноќно Му служат во Неговиот храм. А Тој што седи на престолот ќе ги заштитува со Своето присуство. Тој никогаш нема да дозволи тие да гладуваат или да ожеднат, ниту пак да ги пече Сонцето или некоја друга горештина. Јагнето, Кое е на средината на престолот, ќе им биде Пастир и ќе ги пои со животодавна вода. И Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.“

Откровение 7:9-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа видов, и ете, големо мноштво народ, кое никој не можеше да го преброи, – од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете. И воскликнуваа со висок глас, ве­лејќи: „За спасението наше слава на на­шиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!“ А сите ангели стоеја околу пре­сто­лот, старешините и четирите животни, и паднаа ничкум пред престолот и Му се поклонија на Бога, велејќи: „Амин! Благослов и слава, мудрост и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!“ А еден од старешините прозборе и ме праша: „Оние, облечени во бели об­леки, кои се и од каде дошле?“ А јас му одговорив: „Ти знаеш, господине.“ А тој ми рече: „Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Јагнето. Затоа се пред престолот на Бога, Кому Му служат во Неговиот храм и дење и ноќе; и Оној, Кој седи на прес­то­лот, ќе се всели во нив; и нема веќе да огладнат, ниту, пак, да ожеднат; нив нема да ги пече сонцето и никаква горештина; бидејќи Јагнето, Кое е среде прес­толот, ќе ги пасе и води на живи извори водни, и Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни.“

Откровение 7:9-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа видов, и ете: големо множество народ - што никој не можеше да го изброи - од сите народности и племиња и народи и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки, со палмини гранчиња во своите раце, и воскликнуваа со голем глас: „Спасение на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!“ И сите ангели стоеја околу престолот, и старешините и четирите живи суштества, и паднаа на своите лица пред престолот и Му се поклонија на Бога, велејќи: „Амин! Благослов и слава; и премудрост и благодарност; и чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!“ И еден од старешините одговори, велејќи ми: „Кои се и од каде дојдоа овие, кои се облечени во бели облеки?“ А јас му реков: „Господине мој, ти знаеш!“ И ми рече: „Тоа се оние, кои доаѓаат од голема неволја, кои ги испраа облеките свои и ги избелија во крвта на Јагнето.“ Затоа се пред Божјиот престол и Му служат дење и ноќе во Неговиот храм; а Оној, Кој седи на престолот, ќе го оптегне Својот Шатор над нив. Нема веќе да огладнат ниту да ожеднат, ниту сонцето ќе ги пече, ниту некаква жега; зашто Јагнето, Кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори жива вода; и Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.