Откровение 6:1-8
Откровение 6:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Кога видов како Јагнето го отвора првиот од седумте печати, се огласи едно од четирите суштества, кое громогласно рече: „Дојди!“ Наеднаш пред мене се појави еден бел коњ. Коњаникот што јаваше на него беше вооружен со лак. Нему му беше даден венец, бидејќи досега победувал, а и сега излезе за да остварува нови победи. Кога Јагнето го отвори вториот печат се огласи второто суштество, кое извика: „Дојди!“ Тогаш се појави друг коњ, црвен. На коњаникот што јаваше на црвениот коњ му беше даден еден голем меч и му беше дозволено да го одземе мирот од Земјата. И луѓето почнаа меѓусебно да се убиваат. Кога Јагнето го отвори третиот печат, се огласи третото суштество и рече: „Дојди!“ Наеднаш пред мене се појави еден црн коњ. Коњаникот што јаваше на црниот коњ во раката држеше терезија. Потоа чув глас што доаѓаше откај четирите суштества и го кажуваше следното: „Килограм пченица ќе ве чини една дневница, три килограми јачмен ќе ве чинат една дневница, а маслото и виното ќе треба да ги штедите!“ Кога Јагнето го отвораше четвртиот печат, се огласи четвртото суштество, кое рече: „Дојди!“ Наеднаш пред мене се појави сиво-зелен коњ. Коњаникот што јаваше на сиво-зелениот коњ се викаше ,Смрт‘, а во негова придружба беше Адот. Ним им беше дадена власт над една четвртина од Земјата, за да убиваат со меч, со глад, преку болести и преку диви ѕверови.
Откровение 6:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И видов кога Јагнето скрши еден од седумте печати, и чув едно од четирите животни кое проговори како со глас на грмотевица: „Дојди и види!“ И видов, ете, бел коњ, и на него јавач со лак; и Му беше даден венец, и тој излезе како победник, за да победи. А кога го извади вториот печат, го чув како проговори второто животно: „Дојди и гледај!“ И излезе друг коњ, црвен; и на јавачот му беше дадено да го одземе мирот од земјата, та еден со друг да се убиваат; и му беше даден голем меч. А кога се отвори третиот печат, чув како проговори третото животно: „Дојди и види!“ И видов, ете вран коњ, а на него јавач со мерила во раката своја. И чув глас сред четирите животни, кој зборуваше: „Шиник пченица за денариј, и три шиника јачмен за денариј; а растителното масло и виното ќе ги нема!“ И кога се раскрши четвртиот печат, го чув гласот на четвртото животно кое рече: „Дојди и гледај!“ И видов. И ете сив коњ, а на него јавач, чие име беше смрт; и адот врвеше по него, и му се даде власт над четвртина од земјата – да убива со меч и глад, со помор и земни ѕверови.
Откровение 6:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И видов кога Јагнето отвори еден од седумте печати и чув како едно од живите суштества да вика како со глас на грмотевица: „Дојди!“ И видов, и ете, бел коњ, а оној кој седеше на него имаше лак; и му беше дадена круна, и излезе победувајќи и да победи. И кога го отвори вториот печат, чув друго живо суштество како зборува: „Дојди и види!“ И излезе друг, црвен коњ, а на оној, кој седеше на него, му беше дадено да го земе мирот од земјата, за да се убиваат луѓето меѓусебно; и му беше даден голем меч. И кога го отвори третиот печат, го чув третото живо суштество како зборува: „Дојди и види!“ И видов, и ете, црн коњ, а оној, кој седеше на него, имаше терезија во својата рака. И чув како глас - меѓу четирите живи суштества да зборува: „Една мера пченица за денариј и три мери јачмен за денариј! А на маслото и виното не им нанесувај штета!“ И кога го отвори четвртиот печат, го чув гласот на четвртото живо суштество како зборува: „Дојди!“ И видов, и ете, сив коњ, а на оној, кој седеше на него името му беше смрт, и Подземјето идеше по него, и ним им беше дадена власт над четвртина од земјата, да убиваат со меч и со глад и со помор и со дивите ѕверови на земјата.