Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 3:7-13

Откровение 3:7-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

„До гласникот на црквата во Филаделфија напиши го следново: Ова ви го порачува Светиот, Вистинитиот, Оној што ги има клучевите на Давид, Оној што отвора врати и никој не може да ги затвори, а кога ќе затвори - никој не може да отвори! Вашите дела Ми се познати. Пред вас поставувам отворена врата што никој не ќе може да ја затвори! Зашто, и покрај малата сила што ја имате, вие останавте послушни на Мојата порака и не одрековте дека сте следбеници на Моето име. Еве, ќе видите што ќе им направам на припадниците на сатанското собрание, тие лажговци кои тврдат дека се Божји народ, а не се. Ќе ги натерам да дојдат кај вас и да ви клекнат на колена, за да сфатат дека Мојата љубов е спрема вас! Бидејќи вие бевте послушни спрема Мојата порака и издржавте, затоа Јас ќе ве заштитам од времето на искушение што ќе ги зафати сите жители на Земјата. Ќе се вратам набргу! Задржете го цврсто она што го имате и никој нема да ви го земе венецот што ќе го добиете како награда! Секој што ќе излезе како победник ќе стане столб во Храмот на Мојот Бог. Никој не ќе може да го избрка оттаму! Врз секој од нив ќе напишам дека Му припаѓа на Бог и дека е жител на Божјиот град - новиот Ерусалим, што слегува од небото, откај Мојот Бог. Тие ќе го носат на себе Моето ново име. Ако имате слух, послушајте го тоа што Божјиот Дух им го порачува на црквите!“

Откровение 3:7-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој не може да затвори, – и Кој затвора, никој не може да отвори: ги знам делата твои. Ете, ти дадов отворена врата, што никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое. Ете, ќе направам некои од сатанската синагога – оние што велат дека се Ју­дејци, а не се, туку лажат, – да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат дека Јас те засакав. Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет, за да ги искуша оние што живеат на земјата. Ете, доаѓам скоро: држи што имаш, за никој да не го земе венецот твој. Оној кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам на него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Еру­са­лим, кој слегува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име. Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.

Откровение 3:7-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

“И на ангелот на црквата во Филаделфија напиши му: ова го зборува Светиот, Вистинитиот, Кој го има Давидовиот клуч; Кој отвора, и никој не затвора! Кој затвора и никој не отвора: ги знам твоите дела. Ете, поставив пред тебе отворена врата, што никој не може да ја затвори; зашто ти имаш мала сила и сепак го запази Моето слово, и не се одрече од Моето име. Еве, ти давам некои од сатанината синагога, кои тврдат дека се Јудејци, а не се, туку лажат. Ете, ќе направам да дојдат и да се поклонат пред Твоите нозе, и да познаат, дека Јас те возљубив. Зашто ти го запази Моето слово за трпението, и Јас ќе те запазам од часот на искушението, што ќе дојде врз целиот свет, за да ги искуша оние, кои живеат на земјата. Ете, идам скоро! Држи го цврсто она, што го имаш, за никој да не ја земе твојата круна. Оној, кој победува ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог и нема веќе да излезе надвор и на него ќе го напишам името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог - Новиот Ерусалим, кој слегува од небото, од Мојот Бог; и Моето ново име. Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.“