Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 20:7-15

Откровение 20:7-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој, и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок. Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта. А ѓаволот, што ги лажеше, беше фрлен во огнено и сулфурно езеро, каде што е ѕверот и лажниот пророк; тие ќе бидат мачени дење и ноќе во векови. И видов голем бел престол и Сед­на­тиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде. Потоа ги видов мртвите, мали и го­леми, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот беа фрлени во Огненото Езеро. Тоа е втората смрт. И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро.

Откровение 20:7-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога ќе изминат илјада години, Сатаната ќе биде пуштен од затворот во Бездната. Тој ќе тргне да ги заведува народите по сите четири страни на светот - народите на Гог и Магог, кои заедно со него ќе тргнат во војна. Ќе собере многубројна војска, колку што има зрнца песок на морските брегови. Тие ќе излезат на широката земна рамнина и ќе го опколат живеалиштето на Божјиот народ и Неговиот омилен град. Но тогаш ќе слезе оган од небото и ќе ја уништи целата армија. Тогаш Ѓаволот, кој ги заведуваше, ќе биде фрлен во Огненото Езеро полно со запален сулфур, каде што претходно веќе беа фрлени и Ѕверот и лажниот пророк. Таму ќе бидат деноноќно мачени за вечни векови. Потоа го видов големиот бел престол и Оној што седи на него. Земјата и небото бегаа од Неговото присуство, но не најдоа место каде би се скриле од Него. Ги видов и починатите луѓе, мали и големи - сите до еден стоеја пред Божјиот престол. Прво беа отворени некои книги, а потоа и Книгата на животот. На починатите им беше судено според она што за нивните дела го пишуваше во книгите. Морето ги предаде луѓето загинати во него, а и Смртта и Адот ги предадоа умрените луѓе што тие ги држеа. На сите луѓе им беше судено според нивните дела. А потоа, Смртта и Адот беа фрлени во Огненото Езеро. Огненото Езеро е втората смрт. Секој човек чие име не се најде запишано во Книгата на животот беше фрлен во Огненото Езеро.

Откровение 20:7-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кога ќе се навршат илјадата години, сатаната ќе биде пуштен од својот затвор, и ќе излезе да ги заведува народите по четирите краишта на земјата, Гога и Магога, и да ги собере за војна, чиј број е како морскиот песок. И излегоа на земната ширина, и го опкружија логорот на светите и возљубениот град; и слезе оган од небото, од Бога, и ги проголта. А ѓаволот, кој ги заблудуваше, беше фрлен во огненото и сулфурното езеро, каде се и Ѕверот и лажниот пророк; и ќе бидат мачени дење и ноќе во веки веков. И видов голем бел престол, и Оној, Кој седеше на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и не се најде место за нив. И ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот, и се отворија книжните свитоци; и друг книжен свиток се отвори - Книгата на Животот; и на мртвите им беше судено според она што е запишано во книгите, според своите дела. И морето ги предаде своите мртви, кои се во него; и смртта и Подземјето ги предадоа мртвите, кои се во нив, и секој беше суден според своите дела. И смртта и Подземјето беа фрлени во огненото езеро. Тоа е втората смрт, огненото езеро. И кој не беше запишан во Книгата на Животот, беше фрлен во огненото езеро.