Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 20:10-15

Откровение 20:10-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А ѓаволот, што ги лажеше, беше фрлен во огнено и сулфурно езеро, каде што е ѕверот и лажниот пророк; тие ќе бидат мачени дење и ноќе во векови. И видов голем бел престол и Сед­на­тиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде. Потоа ги видов мртвите, мали и го­леми, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот беа фрлени во Огненото Езеро. Тоа е втората смрт. И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро.

Откровение 20:10-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш Ѓаволот, кој ги заведуваше, ќе биде фрлен во Огненото Езеро полно со запален сулфур, каде што претходно веќе беа фрлени и Ѕверот и лажниот пророк. Таму ќе бидат деноноќно мачени за вечни векови. Потоа го видов големиот бел престол и Оној што седи на него. Земјата и небото бегаа од Неговото присуство, но не најдоа место каде би се скриле од Него. Ги видов и починатите луѓе, мали и големи - сите до еден стоеја пред Божјиот престол. Прво беа отворени некои книги, а потоа и Книгата на животот. На починатите им беше судено според она што за нивните дела го пишуваше во книгите. Морето ги предаде луѓето загинати во него, а и Смртта и Адот ги предадоа умрените луѓе што тие ги држеа. На сите луѓе им беше судено според нивните дела. А потоа, Смртта и Адот беа фрлени во Огненото Езеро. Огненото Езеро е втората смрт. Секој човек чие име не се најде запишано во Книгата на животот беше фрлен во Огненото Езеро.

Откровение 20:10-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А ѓаволот, кој ги заблудуваше, беше фрлен во огненото и сулфурното езеро, каде се и Ѕверот и лажниот пророк; и ќе бидат мачени дење и ноќе во веки веков. И видов голем бел престол, и Оној, Кој седеше на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и не се најде место за нив. И ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот, и се отворија книжните свитоци; и друг книжен свиток се отвори - Книгата на Животот; и на мртвите им беше судено според она што е запишано во книгите, според своите дела. И морето ги предаде своите мртви, кои се во него; и смртта и Подземјето ги предадоа мртвите, кои се во нив, и секој беше суден според своите дела. И смртта и Подземјето беа фрлени во огненото езеро. Тоа е втората смрт, огненото езеро. И кој не беше запишан во Книгата на Животот, беше фрлен во огненото езеро.