Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 19:1-16

Откровение 19:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа чув висок глас како од многу народ на небото, кој ве­ле­ше: „Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог, зашто пресудите Негови се вистинити и праведни; бидејќи Тој ја осуди го­лемата блудница која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина.“ И повторно рекоа: „Алилуја! Димот нејзин ќе се издига во векови!“ Тогаш паднаа дваесет и четирите старешини и четирите животни, та Му се поклонија на Бога, Кој седеше на престолот велејќи: „Амин, алилуја!“ А од престолот излезе глас, кој ве­ле­ше: „Фалете Го нашиот Бог сите слуги Негови и вие, кои имате страхопочит кон Него, големи и мали!“ И чув глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од сил­ни грмотевици, кој велеше: „Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Се­др­жителот! Да се радуваме и да се веселиме и да Му оддадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Јагнето, и невеста Му се при­готви! И ѝ се даде да се облече во чист и светол висон.“ А висонот е праведноста на светиите. И ми рече: „Напиши – блажени се поканетите на свадбената вечера кај Јагнето!“ А ми рече уште: „Ова се вис­тински Божји зборови!“ И паднав пред нозете негови да му се поклонам; но тој ми рече: „Стој, и јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога, зашто сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото!“ И го видов небото отворено, и ете, бел коњ и Оној Кој јаваше на него се вика Верен и Вистинит, и Тој праведно суди и војува; очите Му беа како огнен пламен, а на главата имаше многу круни и напи­шано име кое освен Него, никој не го знаеше. И беше облечен во облека натопена со крв, и со името – Слово Божјо. А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи. Од устата Негова излегуваше остар меч за да ги казни со него идолопоклониците. Тој ќе ги пасе со железен же­зол и ќе ја изгази кацата со вино на ја­роста и гневот на Бога Седржителот. На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: „Цар над царевите“ и „Господар над господарите.“

Откровение 19:1-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа чув многубројни гласови на небото кои пееја вака: “Слава на Бога! Зашто Тој суди чесно и справедливо! Тој ја осуди бесрамната блудница, и врз неа ја одмазди крвта на Своите следбеници, зашто таа со своето блудство ја расипа Земјата!“ А хорот на небото повторуваше: „Слава на Бога! Димот од пламенот во којшто таа гори, нема никогаш да престане да се крева!“ Тогаш дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, Кој седеше на престолот, велејќи: „Амин! Слава на Бога!“ Од престолот проговори глас и рече: „Славете Го нашиот Бог, вие мали и големи - сите што сте во Негова служба и имате страхопочит спрема Него!“ Потоа чув гласови од многуброен народ - звук како од бучава на силни води и како татнеж од громови; тие говореа: „Слава на Бога! Господ, нашиот Семоќен Бог ја презеде власта! Да се радуваме, да се веселиме и да Му благодариме на Бог, зашто дојде свадбата на Јагнето и Невестата е подготвена! Нејзе ќе и се даде свадбена руба од чисто и светло ленено платно, кое ги претставува праведните дела на Божјите свети луѓе.“ Тогаш ангелот ми рече: „Блазе си им на поканетите на свадбената вечера на Јагнето!“ Потоа додаде: „Овие Божји зборови ќе се остварат!“ Тогаш јас клекнав пред ангелот за да му се поклонам, но тој ми рече: „Немој! И јас сум Божји служител, како што си и ти, и сите други следбеници на Исус. Само на Бог поклонувај Му се! А духот на пророкувањето е јасно да се посведочи за Исус.“ Потоа небото се отвори и се појави еден бел коњ. Коњаникот Го нарекуваа ?Верниот и Вистинитиот‘ и Тој е секогаш справедлив кога суди или кога војува. Очите Му светат како огнен пламен, а на главата носи многубројни круни. Името Му беше напишано, но само Тој знае што значи тоа име. Коњаникот носеше облека натопена во крв; Тој е познат и под името ?Божји Збор‘. Во Негова придружба беа цели војски од небото, качени на бели коњи, облечени во облеки од чисто, бело ленено платно. Од устата Му излегуваше остар меч, со кој ќе ги порази неверните народи. Тој ќе владее над нив со железен скиптар и ќе го изгази грозјето во кацата на зоврениот гнев на Семоќниот Бог. На Неговата облека, отстрана, беше напишано: ,Цар над царевите и Господар над господарите‘.

Откровение 19:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа чув како силен глас од множество на небото, да зборува: „Алилуја! Спасението, и славата, и честа, и силата Му припаѓаат на нашиот Бог, зашто се вистински и праведни Неговите судови! Зашто ја осуди големата блудница, која ја расипа земјата со своето блудство, и врз неа ја одмазди крвта на Своите слуги.“ И по вторпат рекоа: „Алилуја! И нејзиниот дим се издига во вечни векови!“ И паднаа дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества, и Му се поклонија на Бога, Кој седи на престолот, велејќи: „Амин! Алилуја!“ А од престолот излезе глас, кој велеше: „Фалете Го нашиот Бог сите Негови слуги и вие, кои се боите од Него, мали и големи.“ И чув како глас од големо множество, и како шум на големи води, и како глас на силни громови, кои велат: „Алилуја! зашто се зацари нашиот Господ Бог - Сѐмоќниот! Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, зашто дојде Јагнетовата свадба и Неговата жена се приготви, ѝ беше дадено да се облече во светло и чисто ленено платно; имено, платното, тоа се праведните дела на светите. И ми рече: „Напиши: Блажени се оние, кои се повикани на Јагнетовата свадба.“ Уште ми рече: „Овие се вистински Божји зборови!“ И паднав пред неговите нозе, да му се поклонам; и ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво. Поклони Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.“ И видов отворено небо, и ете, бел коњ, и Оној, Кој седеше на него, се вика Верен и Вистинит, и суди и војува праведно. Очите Му се огнен пламен, а на главата многу круни и носи напишано име, кое никој не го знае освен Него. И беше облечен во облека потопена во крв, и името Му е: Божјо Слово. А небесните војски на бели коњи, облечени во бел, чист лен, го следеа. И од Неговата уста излезе остар меч, за да ги удира со него народите; и Тој ќе им биде Пастир со железна палка; и Тој ќе ја гази кацата на виното на лутиот гнев на Бога Сѐмоќниот. А на Неговата наметка и на Неговото бедро има напишано име: „Цар на царевите и Господар на господарите.“