Откровение 19:1-10
Откровение 19:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа чув многубројни гласови на небото кои пееја вака: “Слава на Бога! Зашто Тој суди чесно и справедливо! Тој ја осуди бесрамната блудница, и врз неа ја одмазди крвта на Своите следбеници, зашто таа со своето блудство ја расипа Земјата!“ А хорот на небото повторуваше: „Слава на Бога! Димот од пламенот во којшто таа гори, нема никогаш да престане да се крева!“ Тогаш дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог, Кој седеше на престолот, велејќи: „Амин! Слава на Бога!“ Од престолот проговори глас и рече: „Славете Го нашиот Бог, вие мали и големи - сите што сте во Негова служба и имате страхопочит спрема Него!“ Потоа чув гласови од многуброен народ - звук како од бучава на силни води и како татнеж од громови; тие говореа: „Слава на Бога! Господ, нашиот Семоќен Бог ја презеде власта! Да се радуваме, да се веселиме и да Му благодариме на Бог, зашто дојде свадбата на Јагнето и Невестата е подготвена! Нејзе ќе и се даде свадбена руба од чисто и светло ленено платно, кое ги претставува праведните дела на Божјите свети луѓе.“ Тогаш ангелот ми рече: „Блазе си им на поканетите на свадбената вечера на Јагнето!“ Потоа додаде: „Овие Божји зборови ќе се остварат!“ Тогаш јас клекнав пред ангелот за да му се поклонам, но тој ми рече: „Немој! И јас сум Божји служител, како што си и ти, и сите други следбеници на Исус. Само на Бог поклонувај Му се! А духот на пророкувањето е јасно да се посведочи за Исус.“
Откровение 19:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Потоа чув висок глас како од многу народ на небото, кој велеше: „Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог, зашто пресудите Негови се вистинити и праведни; бидејќи Тој ја осуди големата блудница која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина.“ И повторно рекоа: „Алилуја! Димот нејзин ќе се издига во векови!“ Тогаш паднаа дваесет и четирите старешини и четирите животни, та Му се поклонија на Бога, Кој седеше на престолот велејќи: „Амин, алилуја!“ А од престолот излезе глас, кој велеше: „Фалете Го нашиот Бог сите слуги Негови и вие, кои имате страхопочит кон Него, големи и мали!“ И чув глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од силни грмотевици, кој велеше: „Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот! Да се радуваме и да се веселиме и да Му оддадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Јагнето, и невеста Му се приготви! И ѝ се даде да се облече во чист и светол висон.“ А висонот е праведноста на светиите. И ми рече: „Напиши – блажени се поканетите на свадбената вечера кај Јагнето!“ А ми рече уште: „Ова се вистински Божји зборови!“ И паднав пред нозете негови да му се поклонам; но тој ми рече: „Стој, и јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога, зашто сведоштвото Исусово е Духот на пророштвото!“
Откровение 19:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Потоа чув како силен глас од множество на небото, да зборува: „Алилуја! Спасението, и славата, и честа, и силата Му припаѓаат на нашиот Бог, зашто се вистински и праведни Неговите судови! Зашто ја осуди големата блудница, која ја расипа земјата со своето блудство, и врз неа ја одмазди крвта на Своите слуги.“ И по вторпат рекоа: „Алилуја! И нејзиниот дим се издига во вечни векови!“ И паднаа дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества, и Му се поклонија на Бога, Кој седи на престолот, велејќи: „Амин! Алилуја!“ А од престолот излезе глас, кој велеше: „Фалете Го нашиот Бог сите Негови слуги и вие, кои се боите од Него, мали и големи.“ И чув како глас од големо множество, и како шум на големи води, и како глас на силни громови, кои велат: „Алилуја! зашто се зацари нашиот Господ Бог - Сѐмоќниот! Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, зашто дојде Јагнетовата свадба и Неговата жена се приготви, ѝ беше дадено да се облече во светло и чисто ленено платно; имено, платното, тоа се праведните дела на светите. И ми рече: „Напиши: Блажени се оние, кои се повикани на Јагнетовата свадба.“ Уште ми рече: „Овие се вистински Божји зборови!“ И паднав пред неговите нозе, да му се поклонам; и ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво. Поклони Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.“