Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 13:11-18

Откровение 13:11-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змевот. Ја извршува сета власт на првиот ѕвер во негово присуство и ја присилува целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер, чија смртна рана се беше исцелила; и правеше големи чуда, па дури и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. И ги мамеше земните жители со чудата што му беа дадени да ги врши пред ѕверот, велејќи им на земните жители да му направат биста на ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив. И му се даде да вложи дух во бистата на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние кои нема да се поклонат пред бистата на ѕверот. И ќе направи на сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на десната рака или на челата нивни, та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние што го имаат тој белег, или името на ѕверот, или бројот на името негово. Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест.

Откровение 13:11-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Потоа видов и втор Ѕвер. Тој излегуваше од Земјата. Имаше два рога како јагне, но зборуваше со глас на змеј. Овој Ѕвер е во служба на првиот Ѕвер, кој имаше смртоносна рана што му зарасна. Тој ќе ја користи сета своја власт да ги натера сите луѓе на Земјата да му се клањаат на првиот Ѕвер. Притоа, тој ќе извршува и големи чуда; ќе направи дури и оган од небото да паѓа, пред очите на луѓето. Целта на вториот Ѕвер е да ги заведе луѓето на Земјата, со чудата што ќе ги извршува. Тој ќе ги убеди луѓето да му направат икона на Ѕверот што беше смртно ранет со меч, но преживеа. Нему ќе му биде дозволено да внесе живот во иконата, која ќе проговори и ќе ги убива сите што нема да му се клањаат на Ѕверот. Тој ќе ги принуди сите луѓе - мали и големи, богати и сиромаси, слободни или робови - да бидат обележени на десната рака или на челото. Без тој белег никој не ќе може ништо да купува или да продава. Белегот ќе биде името на Ѕверот или бројот што ќе го претставува неговото име. Потребна е мудрост за да се разбере ова. Тој што е прониклив, ќе може да го открие значењето на бројот на Ѕверот. Бројот се однесува на човек и изнесува 666.

Откровение 13:11-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И видов друг ѕвер, како излегува од земјата, и имаше два рога, како кај јагне, а зборуваше како змев. И тој ја вршеше власта на првиот Ѕвер, пред него, и направи земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот Ѕвер, чија смртоносна рана беше залечена. И правеше големи чуда, така што и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. Тој ги заведуваше жителите на земјата со чудата, што му беа дадени да ги прави пред Ѕверот, велејќи им на жителите на земјата, да направат лик на Ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив. И му беше дадено да вдахне дух во ликот на Ѕверот така што ликот на Ѕверот да прозборува, и да направи да бидат убиени оние, кои нема да се поклонат на ликот на Ѕверот. И направи сите - мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови - да им се даде ознака на десната рака или на челото, и никој да не може ниту да купи ниту да продаде, освен оној, кој има ознака: името на Ѕверот или бројот на неговото име. Тука е мудроста. Кој има ум нека го пресмета бројот на Ѕверот, зашто е број на човек. а неговиот број е: шестотини шеесет и шест.