Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 13:1-10

Откровение 13:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И видов како од морето излегува ѕвер со седум глави и десет рого­ви; на роговите негови имаше десет круни, а на главите негови – богохулни имиња. Ѕверот што го видов прилегаше на леопард: нозете му беа како кај мечка, а устата – како уста на лав. И змевот му ја даде силата своја, и престолот свој, и голема власт. И видов дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот; и му се поклонија на змевот, кој му беше дал власт на ѕверот; му се поклонија и на ѕверот, велејќи: „Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?“ Нему му се даде уста што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеци. Тогаш ја отвори устата за хулење против Бога за да го навредува името Негово, живеалиштето Негово и оние што живеат на небото. И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ. И ќе му се поклонат сите земни жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот на Јагнето заклано, од создавањето на светот. Кој има уво, нека чуе: кој во прогонство води, во прогонство ќе биде одведен; кој со меч убива, од меч треба да биде убиен. Тука е трпението и верата на светиите.

Откровение 13:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А јас застанав на песокта од морскиот брег. И видов Ѕвер, како излегува од морето, кој имаше десет рогови и седум глави, а на неговите рогови десет круни и на неговите глави богохулни имиња. И Ѕверот, што го видов, беше како леопард, и нозете му беа како на мечка, а устата како на лав. И змевот му ја даде својата сила, и својот престол, и голема власт И видов една од неговите глави, како да е смртно ранета, но неговата смртоносна рана беше исцелена. И се зачуди сета земја и тргна по Ѕверот, и му се поклонија на змевот, што му даде власт на Ѕверот, му се поклонија и на Ѕверот, велејќи: „Кој му е еднаков на Ѕверот, и кој може да војува против него?“ И му се даде уста, која зборува големи зборови и богохулства, и му се даде власт да прави така четириесет и два месеца. И ја отвори својата уста да хули против Бога, да го похули Неговото име, и Неговиот Шатор, и оние, кои живеат во небото. И му се даде да завојува против светите и да ги победи, и му се даде власт над секое племе и народ и јазик и народност. И ќе му се поклонат сите, кои живеат на земјата, чии имња не се запишани во Книгата на Животот на Јагнето, заклано од создавањето на светот. Кој има уво, нека чуе. Кој води во ропство, и самиот ќе биде одведен во ропство; кој убива со меч, и самиот треба да загине од меч. Тука е трпението и верата на светите.

Откровение 13:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Змејот застана на морскиот брег. Потоа забележав како од морето излегува еден Ѕвер со десет рогови и седум глави. На секој од десетте рогови носеше круна, а на секоја глава носеше натписи со богохулни имиња. Ѕверот имаше тело како од леопард, нозе како од мечка, а уста како од лав. Змејот му ги предаде на Ѕверот својата моќ, својот престол и својата голема власт. Забележав дека една од главите на Ѕверот му беше смртоносно ранета. Но смртоносната рана му зарасна и сите жители на Земјата се занесоа по Ѕверот: Тие почнаа да го обожаваат Ѕверот и да му се клањаат на Змејот што му ја беше дал сета своја власт на Ѕверот. Му се клањаа и на Ѕверот и говореа: „Кој е како Ѕверот и кој може да му се противстави!?“ На Ѕверот му беше дозволено да се нафрли и да Го навредува Бога, и да владее четириесет и два месеци. Тогаш Ѕверот отвори уста и почна да Го навредува Бога, да ги хули Неговото име, Неговото живеалиште, како и небесните жители. На Ѕверот му беше дозволено да војува против Божјите луѓе и да ги надвие. Му беше дадена власт над секое племе, народ, јазик и раса. На Ѕверот ќе му се поклонуваат сите оние жители на Земјата чии имиња уште пред создавањето на светот не се запишани во Книгата на животот што Му припаѓа на Јагнето, Кое беше убиено. Ако имате слух - слушајте! Кој е определен за ропство - ќе падне во ропство; кој е определен да загине од меч - ќе загине од меч! А Божјите луѓе се повикани на трпеливост и верност!