Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 88:1-18

Псалми 88:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Господи, Боже на моето спасение, дење Те повикувам и ноќе сум пред Тебе: за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи, зашто душата моја е полна со јад и животот ми се приближи до адот. Се изедначив со оние што слегуваат во гроб; станав како немоќен човек, како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнати од Твојата рака. Ме положи во подземен ров, во мрак и во смртна сенка. Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш. Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам. Очите мои ослабеа од тага: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе. Зар за мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те сла­ват? Зар во гроб некој ќе кажува за Тво­јата милост и за Твојата вистина – во местото на распаѓањето? Зар во темнината ќе ги објавуваат Твоите чудеса, и во земјата на забора­вот – Твојата правда? Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја доаѓа пред Тебе. Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене? Јас сум несреќен и од раната младост се мачам; страдам во ужас и очаен сум. Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скр­шија. Секој ден ме опкружуваат како во­да: од сите страни ме опседнуваат. Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; мракот ми е единствен другар.

Псалми 88:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господи, Боже на моето спасение, дење викам, а ноќе тажам пред Тебе. Нека стигне мојата молитва до Тебе, приклони го Своето уво кон мојот повик. Зашто мојата душа е наситена од страдања, мојот живот наближува кон Подземјето. Ме вбројуваат кон оние, што слегуваат во гроб, станав сличен на немоќниот. Моето легло е меѓу мртвите, како убиените што лежат во гробот, за кои веќе не се сеќаваш, од кои ја тргна раката. Ме смести во длабока јама, во темнини, во бездна. Тешко ме притиска Твојот гнев, и со сите Свои бранови ме прекриваш. Ги оддалечи од мене моите познати, направи да им бидам гнасен: затворен сум, не можам да излезам. Очите ми гаснат од тага: викам кон Тебе, Господи, секој ден, кон Тебе ја пружам раката. Зар над мртвите ќе правиш чудеса? Зар сенките ќе станат и ќе Те фалат? Зар во гробот се раскажува за Твојата милост? За Твојата вистина во Гибелта? Зар во темнина се објавуваат Твоите чудеса и Твојата правда во Заборавот? Сепак, јас викам кон Тебе, Господи, пред мугрите, со молитва Те претекнувам. Зошто, Господи, ја отфрлаш мојата душа? Зошто го криеш лицето од мене? Беден сум и умирам веќе од детството, изнемоштев, носејќи ги Твоите морничавости. Преку мене минаа виорите на Твојот гнев, Твоите стравотии ме засекоа, секој ден, ме опкружуваат како вода, сите заедно ме обиколуваат. Ги оддалечи од мене: пријателот и другарот, мракот ми е единствен познаник.