Псалми 81:1-10
Псалми 81:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Радувајте се во Бога, нашата Сила, воскликнете кон Бога Јаковов; запејте песна, удрете во тимпан, на милозвучна лира со харфа; затрубете со труба во новомесечје, во определено време, во денот на вашиот празник, зашто тоа е закон за Израел, наредба од Бог Јаковов. Тој го установи тоа како сведоштво за Јосиф, кога тој излезе од египетската земја, каде што чу јазик што не го знаеше: „Јас го симнав товарот од рамениците негови, и му ги ослободив рацете негови од кошницата. Во маката своја ти Ме повика, и Јас те избавив; при гром те чув, кај водите на Мерива те испитав. Чуј, народе Мој, и Јас ќе ти посведочам, ако Ме послушаш, Израеле! Да немаш друг бог и да не му се поклонуваш на друг земен бог! Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од египетската земја; отвори ја устата своја, и Јас ќе ја наполнам.
Псалми 81:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Пејте Му радосно на Бога, на нашата сила, пејте Му радосно на Јакововиот Бог! Нека зазвучат жиците, нека се чуе тапанчето, свирете со милозвучен псалтир! Затрубете во рог при млада месечина, при нова месечина, на нашиот празник! Зашто тоа е Израелев закон, заповед на Јакововиот Бог. Таков закон му даде на Јосифа, кога излегуваше од Египетската Земја. Чув таинствено шепотење: „Го ослободив од терет неговото рамо, рацете му се слободни од кошницата. При тешкотија Ме повика, и Јас те избавив; Ти одговорив од громовниот облак; те искушав при Меривските Води. Слушај, Мој народе, и Јас ќе те опоменам: о, да Ме послушаш, Израеле! Да нема друг бог меѓу тебе, и не клањај се на друг бог! Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја: отвори ја твојата уста и ќе ја наполнам!