Псалми 73:1-26
Псалми 73:1-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Колку е добар Бог кон Израел, кон оние што се со чисто срце! А нозете мои за малку не потклекнаа, за малку чекорите мои ќе станеа несигурни, – зашто им позавидев на беззакониците, гледајќи го напредокот на грешниците, зашто не страдаат, нивните тела се цврсти и јадри. Немаат маки како другите, човечки неволји не ги засегаат. Затоа горделивоста им е како веришка околу вратот, а насилството им е облека. Очите им се подуени од сало, а од срцата им се излеваат безумија. Се подбиваат и злобно зборуваат, се закануваат надмено со насилство. Ја креваат устата против небото, а јазикот нивен ја обиколува земјата. Затоа народот Мој по нив се залетува, и мана не им наоѓа. И вели: „Како ќе дознае Бог, и има ли знаење во Севишниот?“ Ете, такви се грешниците, секогаш спокојни, богатство напластуваат. И си реков: зар залудо го чував чисто срцето свое и во невиност ги миев рацете свои? И се изложував на непријатности секој ден и на срам секое утро? Но ако речев: ќе расудувам и јас така, – тогаш ќе го изневерев родот на Твоите синови. И сакав тоа да го разберам, но тоа беше тешко за мене, сѐ додека не влегов во Божјото светилиште и не го разбрав нивниот крај. Навистина, си ги поставил на лизгаво место, на пропаст ги соборуваш! Како пропаднаа, како ненадејно исчезнаа и загинаа однесени од ужасот! Како што човек го презира сонот кога ќе се разбуди, така, Ти, Господи, ќе ги презреш нив, кога ќе се разбудат! Кога душата ми беше огорчена, кога се јадосував однатре, безумен бев и не разбирав, како добиче бев пред Тебе. Но јас сум секогаш со Тебе: Ти ми ја придржуваш десницата моја, ме водиш со советот Свој и ќе ме примиш во Твојата слава. Кого Го имам јас на небото освен Тебе? А кога сум со Тебе на земјата ништо друго не барам. Може да изнемошти срцето мое и телото мое; но Бог е сила на срцето мое и наследството мое.
Псалми 73:1-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Бог е навистина добар кон Израел, кон оние што имаат чисто срце! А мене, за малку, ќе ми се сопнеа нозете, за малку ќе ми се лизнеа чекорите, Зашто им завидев на злочинците, набљудувајќи го напредокот на грешниците. Никакво страдање не носат, нивното тело е дебело. Не живеат во маките на смртниците, не ги удираат човечките неволји. Затоа гордоста е ѓердан на нивниот врат, а насилството облека што ги покрива. Од здебеленоста им испакнуваат очите, таа се прелева во срцето. Тие се потсмевнуваат и зборуваат злобно, со насилства се закануваат одозгора. Со устата се нафрлаат врз небото, а нивниот јазик ја обиколува земјата. Затоа мојот народ се враќа и пие изобилно вода, Па велат: „Од каде знае Бог? Сознава ли Сѐвишниот?“ Ете, такви се грешниците: секогаш спокојни, збираат богатство. И така, дали само јас го чував напразно моето срце чисто и ги миев рацете во невиност. Кога примав удари секој ден, и казна утро по утро? Да речев: „Ќе зборувам како нив,“ ете, би бил предавник на родот на твоите синови. И размислував како да го сознаам тоа: но ми се гледаше мачно во моите очи, сѐ додека не најдов влез во Божјото Светилиште, и го согледав каков им е свршетокот. Навистина, Ти ги поставуваш на лизгава патека, ги обрнуваш во пропаст! Како одеднаш, тие стигнаа во запустување, погинаа, исчезнаа од ужаси! Како што човекот го презира сонот, кога ќе се разбуди, така Господи, ќе го презреш нивниот лик, штом станеш. Кога мојата душа беше јадосана, а бубрезите прободени, Бев безумник без разбирање, како животинче пред Тебе. Но отсега секогаш ќе бидам со Тебе, зашто Ти ја прифати мојата десница: ќе ме водиш според Твојот совет, за да ме земеш потоа во Својата слава. Кого имам јас на небо, освен Тебе? Кога сум со Тебе, ништо не сакам на земјата. Премалени ми се телото и срцето: Стено на моето срце, и мое наследство, о Боже, довека!