Псалми 51:1-9
Псалми 51:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои. Измиј ме темелно од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев, зашто престапите мои ги знам и мојот грев е секогаш пред мене. Против Тебе, само против Тебе згрешив и пред Тебе зло извршив, така што Ти си праведен кога ќе пресудуваш и беспрекорен кога ќе судиш. Ете, грешен сум роден, грешник уште од кога ме зачна мајка ми. Ти ја сакаш вистината во срцето, и внатре во мене ме учиш на мудроста Твоја. Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег. Дај ми да чујам радост и веселба, нека се зарадуваат коските што Ти ми ги здроби. Одврати го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија.
Псалми 51:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Смили ми се Боже, според Твоето милосрдие, според големите помилувања избриши го моето беззаконие! Измиј ме целиот од мојата вина, очисти ме од мојот грев. Зашто го признавам своето беззаконие, мојот грев е секогаш пред мене. Тебе, само Тебе, Ти згрешив и направив што е зло пред Тебе: ќе бидеш праведен кога ќе проговориш, кога ќе пресудиш без прекорување. Еве, грешен сум веќе роден, во грев ме зачна мојата мајка. Ете, Ти љубиш искрено срце, ме учиш на мудрост во длабочината на душата. Пороси ме со босилек, за да се очистам, измиј ме и ќе бидам побел од снегот! Дај ми да чујам радост и веселба, за да се зарадуваат скршените коски! Заврти го лицето од моите гревови, избриши го сето мое беззаконие!