Псалми 48:1-14
Псалми 48:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Голем е Господ и многу фален во градот на нашиот Бог, на Својата света гора. Прекрасна возвишеност, радост на целата земја е гората Сион; на северната страна нејзина е градот на големиот Цар. Бог, Кој е во Неговите тврдини, се покажа како сигурна одбрана. Зашто, ете, се собраа царевите земни и сите дојдоа заедно, па, откако видоа, се восхитија, се стаписаа и збунети побегнаа: страв ги опфати таму, па се мачеа како жена родилка; како силен ветар што ги разбива таршишките кораби. Како што чувме, така и видовме во градот на Господ Саваот, во градот на нашиот Бог: Бог го основа за довека. Ја спомнуваме, Боже, милоста Твоја среде храмот Твој. Името Твое, Боже, како и Твојата слава досегаат до краиштата на земјата: Твојата десница е полна со победа. Нека се весели гората Сион, и да се радуваат јудејските ќерки заради Твоите судови. Одете околу Сион и обиколете го, избројте ги кулите негови. Видете ги бедемите негови, разгледајте ги неговите дворци, за да му раскажете на идниот род, дека овој Бог е наш Бог во сите векови: Тој ќе ни биде пастир вечен.
Псалми 48:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Господ е величествен, предостоен за фала, во градот на нашиот Бог, Неговата Света Гора. Величествениот рид, е радост на целата земја. Планината Сион на крајниот север, е град на великиот Цар. Бог во нејзините дворци, се покажа како цврста тврдина. Зашто, ете, царевите се сложија, нападнаа заеднички. Штом видоа, се зачудија, и збунети почнаа да бегаат. Таму ги опфати трепет, како болки на родилка, како кога источниот ветер, ги крши тарсиските бродови. Што чувме, сега гледаме: градот на Господа на Воинствата, градот на нашиот - Бог Бог го зацврстува довека. Си спомнуваме Боже, за Твојата благост, среде Твојот Храм. Како Твоето име, Боже, така и Твојата слава стигнуваат до крајот на земјата. Твојата десница е полна со правда. Нека се весели Сионската Гора, нека се радуваат Јудините ќерки заради Твоите судови! Обиколете го Сион и поминете преку него, пребројте ги неговите стражарници! Погледајте ги добро неговите утврдувања; разгледајте ги неговите дворци: за да им раскажувате на идните поколенија; Таков е Бог, нашиот Бог засекогаш и довека! Тој ќе не раководи дури до смрт!