Псалми 46:1-11
Псалми 46:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Бог ни е нам прибежиште и сила, докажан помошник, во неволја. Затоа нема да се уплашиме, па макар и земјата да се разниша, и горите да се срушат во срцето морско. И ако бучат и се креваат водите нивни, и да се тресат горите од жестината нивна. Речните потоци го веселат Божјиот град, Светото живеалиште на Севишниот. Бог е среде него; тој нема да се разниша: Бог ќе му помогне уште пред зори. Се збунија народите; се потресоа царствата; го пушти Својот глас, и земјата се топи. Господ Саваот е со нас, Јакововиот Бог е наше прибежиште. Дојдете и видете ги делата Божји – пустошењата што ги направи Тој на Земјата. Прекратувајќи ги војните до крајот на Земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби копјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори. Застанете и разберете дека Јас сум Бог, возвишен над народите, возвишен над Земјата. Господ Саваот е со нас, Јакововиот Бог е наше прибежиште.
Псалми 46:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Господ ни е засолниште и тврдина, секогаш проверен помошник во неволја. Затоа не се плашиме кога земјата се лулее, кога бреговите се рушат во морето. Нека бучат и беснеат морските бранови, нека треперат планините од нивната жестокост: Реката и нејзините струи го веселат Божјиот Град, пресветиот шатор на Сѐвишниот. Бог е сред него, нема да се разлулее; Бог му помага од првите мугри. И да беснеат народите, и да се распаѓаат царствата, штом Неговиот глас загрми, земјата се растопува: Господ на Воинствата е со нас, Јакововиот Бог е наша тврдина! Дојдете, видете ги Господовите дела, какви чуда Тој направи на земјата: Ги прекрати војните до крајот на земјата, ги крши лаковите и ги ломи копјата, ги изгорува колите со оган. Молкнете и знајте дека Јас Сум Бог, возвишен над народите, возвишен над целата земја. Господ на Воинствата е со нас, Јакововиот Бог е наша тврдина!