Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 40:1-17

Псалми 40:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Трпеливо се надевав на Господ, и Тој се наклони над мене и ја чу мо­литвата моја, и ме изведе од длабината на јазот и од длабока тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои; а во устата моја вложи нова песна – похвала за нашиот Бог. Мнозина ќе видат, и страв ќе ги опфати и ќе се надеваат на Господ. Блажен е оној човек што верува во Господ и не се обраќа кон горделивите, кон оние што застрануваат по лажни богови. Многу чудесни дела си направил, Господи, Боже мој, многу мисли чудесни – кој може да се спореди со Тебе!? Почнав да ги објавувам и да зборувам за нив, но тие број немаат! Жртви и приноси Ти не бараш, но ушите ми ги отвори; сепаленица и жрт­ва за грев Ти не побара. Тогаш реков; еве, идам; во свитокот на книгата за мене е напишано; со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот закон е во срцето мое. Ја објавив Твојата правда во големото собрание; не ѝ бранев на устата моја; Ти го знаеш тоа, Господи. Твојата правда не ја сокрив во срцето мое, ја објавив верноста Твоја и спа­сението Твое; и не ги затаив Твојата милост и Твојата верност од собранието. Но, Господи, не отстранувај го милосрдието Твое од мене; Твојата ми­лост и Твојата верност нека ме пазат постојано, зашто зла безбројни ме опкру­жија; ме притиснаа беззаконијата мои, и не можев дури ни да гледам, – тие се по­веќе од влакната на главата моја; а и срцето мое ме остави. Благоволи, Господи, да ме изба­виш; Господи, побрзај ми на помош! Нека се засрамат и нека поцрвенат сите, кои бараат да ја погубат душата моја! Нека бидат вратени назад и нека бидат предадени на потсмев оние, кои ми сакаат зло. Нека се скаменат од срам оние, кои сакајќи да ми се наругаат велат: „Аха! Аха!“ А нека се зарадуваат и нека се развеселат во Тебе сите, кои Те ба­раат, и оние што сакаат спасение од Тебе непрестајно нека зборуваат: велик е, велик – Господ! А јас сум сиромав и беден; но Гос­под се грижи за мене. Ти си помош­ник мој и заштитник мој, Боже мој, не задоцнувај.

Псалми 40:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Јас се надевав цврсто во Господа, и Тој се наведна кон мене и го послуша мојот повик. И ме извлече од јамата на гибелта, од тињата и калта; ги стави моите нозе врз карпа, ги закрепи моите чекори. Во мојата уста стави нова песна, фалба на нашиот Бог. Мнозина ќе видат и ќе се исплашат: и ќе се надеваат на Господа. Блажен е оној човек, чија надеж е во Господа, и не е склон кон горделивите, ниту кон оние што отстапуваат лажно. О Господи, Боже мој, Ти твориш многу чудеса и замисли чудни - Ти нема рамен! Сакам да ги кажувам и да ги објавувам, Но премногу се за да можат да бидат преброени. Не Ти се мили ни жртвите ни приносите, туку ми ги отвори ушите; не бараш паленица ни покајнички принос. Тогаш реков: „Еве, доаѓам! Во книжниот свиток пишува за мене; мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето.“ Ќе ја проповедам Твојата правда во големо собрание; и нема да ги затворам моите усни; о Господи, сѐ Ти е познато. Нема да ја кријам Твојата правда во срцето, ќе раскажувам за Твојата верност и за Твоето спасение. Нема да ги тајам ни Твојата добрина, ни Твојата вистина во големото собрание. А Ти, о Господи, не ми ја скратувај Твојата добрина; Твојата милост и Твојата вистина нека ме чуваат секогаш. Зашто ме опкружија безбројни зла, моите беззаконија ме стигнаа, така што не можам да гледам; ги има повеќе од влакната на мојата глава, и затоа моето срце се онемошти. Господи, благоволи да ме избавиш; Господи, побрзај да ми помогнеш! Нека се засрамат и нека се збунат сите, што ја бараат гибелта на мојата душа. Нека се повлечат и нека се посрамат, оние, кои се радуваат на мојата несреќа! Нека се скаменат во својот срам, оние, кои ми велат: „ха, ха!“ Нека се радуваат и нека се веселат во Тебе, сите, кои Те бараат! Нека зборуваат секогаш: „Господ е величествен!“ Сите, кои го љубат Твоето спасение. Јас сум беден и ништожен, но Господ се грижи за мене. Ти си моја помош и мој спасител; о Боже мој, не задоцнувај!

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност