Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 37:1-22

Псалми 37:1-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Не жести се поради злобниците и не завидувај им на оние што вршат беззаконие, зашто тие ќе се исушат како трева, и како зелје набргу ќе свенат. Верувај во Господ и прави добро, за да живееш на земјата и да уживаш во спокојство. Сета радост нека ти биде во Господ, и Тој ќе ти даде што ќе посака срцето твое. Довери Му го патот свој на Господ и во Него верувај и Тој ќе делува; и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја – како пладне. Биди кроток пред Господ и на Него надевај се. Не жести се на оној, кој успева на патот свој, на човек кој врши беззаконие. Воздржи се од лутина и остави ја јароста, не жести се – самиот да не пра­виш зло, зашто оние што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господ, ќе ја наследат земјата. Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш местото негово и нема да го најдеш. А кротките ќе ја наследат земјата и ќе се насладуваат во изобилен мир. Грешникот смислува зло против праведниот и чкрта со забите против него, но Господ му се потсмева, зашто однапред гледа дека му се ближи крајот. Грешниците ги вадат мечевите, го оптегнуваат лакот свој за да го кутнат бедниот и сиромавиот, за да ги прободат оние што се со чисто срце. Но мечот нивни ќе се забие во нивното срце, и лаците нивни ќе се скр­шат. Малото богатство кај праведниот е многу подобро отколку големото богатство на грешниците. Зашто мишките на грешниците ќе спласнат, а на праведниците Гос­под им ги поткрепува. Господ ги знае патиштата на непо­рочните; и нивното наследство ќе биде вечно: во зло време нема да бидат посрамени и во деновите на глад ќе бидат сити; зашто грешниците ќе загинат, и непријателите Господови ќе ги снема како полска убавина, ќе исчезнат како дим. Грешникот зема на заем и не враќа, а праведниот е милостив и дава, зашто оние, кои Господа Го бла­гословуваат, ќе ја наследат земјата, а оние што тој ги проколнува, ќе бидат истребени.

Псалми 37:1-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Не се лути на злосторниците, ниту им завиди на оние што прават беззаконие. Се сушат брзо како трева, венеат брзо како зелено растение. Надевај се на Господа и прави добро, живеј на земјата и храни се со вистината. Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце! Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него, и Тој ќе води сѐ. Твојата правда ќе блесне како светлина и твојот суд како пладне. Смири се пред Господа и надевај се на Него, не дразни се заради оној, кој напредува на својот пат, заради човекот кој кове подлост. Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло. Зашто злосторниците ќе бидат сотрени, а кои се надеваат на Бога, ќе ја наследат земјата. Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема. Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир. Безбожникот му смислува зло на праведникот и со забите чкрта на него. А Господ му се смее, зашто гледа дека доаѓа неговиот ден. Безбожниците истргнуваат меч и оптегнуваат лакови, за да ги оборат немоќните и бедните, да ги заколат оние, што одат по прав пат. Со мечот ќе го прободат сопственото срце, ќе се скршат нивните лакови. Подобро е и малку на праведникот, отколку големо благо на многу безбожници. Зашто рацете на злотворот ќе се скршат, а Господ е поткрепа на праведникот. Господ се грижи за животот на чесните, нивното наследство ќе трае довека. Нема да се засрамат во време на неволја, ќе бидат сити во дните на глад. А безбожниците ќе пропаднат, Господовите врагови ќе овенат како цвеќе по ливаѓето, ќе се расплинат како дим. Безбожникот заема но не враќа, праведникот се сожалува и дава. Оние кои Господ ќе ги благослови, ќе ја наследат земјата, а кои ќе ги проколне, ќе бидат истребени.