Псалми 22:12-31
Псалми 22:12-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Многу јунци ме обиколија, дебели јунци ме опкружија, ја отворија устата против мене како лав, кој го раскинува својот плен и рика. Јас се разлеав како вода; сите мои коски се разглобија, срцето мое стана како восок, се топи во моите гради. Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата, во смртоносен прав ме фрли. Глутница кучиња ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги прободоа рацете и нозете. Можам да си ги пребројам сите коски мои, а тие гледаа и ме презираа; ги разделија меѓу себе алиштата мои, за облеката моја фрлија ждрепка. Но Ти, Господи, не оддалечувај се од мене! Сило моја, побрзај ми на помош! Избави ја од меч душата моја, и од пците еднородната моја. Запази ме од устите лавовски и од роговите биволски спаси ме. Ќе го објавувам името Твое на браќата и сестрите свои, сред собранието ќе Те фалам. Вие, што имате страхопочит кон Господ, восфалете Го! Целото семе Јаковово нека Го прославува; нека се бои од Него целото семе Израелово, зашто Тој не ја презре маката на страдалникот, не го сокри лицето Свое од мене, а ме послуша кога Те повикав. За Тебе е похвалата моја во великото собрание; ќе ги исполнам ветувањата свои пред оние што имаат страхопочит кон Него. Ќе јадат сиромасите и ќе се најадат, ќе Го фалат Господа оние што Го бараат; нека живеат срцата ваши довека! Ќе се сетат и ќе се обратат кон Господ сите земни краишта, и ќе се поклонат пред Тебе сите племиња на народите, зашто царството е Господово, и Тој е владетел над народите. Нему ќе Му се поклонат сите заспани во земјата; пред него ќе паднат сите што слегуваат во земјата. А душата моја ќе живее за Него. Потомството мое ќе Му служи, за Господ ќе им се проповеда на идните родови; за избавувањето од Него ќе им се соопштува на луѓето, што ќе се родат, зашто сето тоа Господ го изврши.
Псалми 22:12-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ме опколија многубројни јунци, васански бикови ме опкружија. Своите усти ги отворија на мене, како лав што го раскинува пленот и рика. Се разлеав како вода, ми се разглобија сите коски; моето срце стана како восок, се растопи во мене. Мојата сила се исуши како црепна, и мојот јазик се залепи до непцето; Ти ме фрли во смртниот прав. Кучињата ме опколија; лукав народ ме опкружи. Ги прободија моите раце и моите нозе. Можам да ги пребројам сите свои коски, а тие ме гледаат и ме презираат. Ги поделија моите облеки меѓу себе, и жрепка фрлаа за мојата облека. Но, Ти, Господи, да не се оддалечиш, о моја сило, побрзај ми на помош! Избави ја мојата душа од меч, единствената моја душа - од силата на кучето. Спаси ме од устата на лавот, и од биволските рогови. Ти ме послуша! Ќе го проповедам Твоето име на моите браќа, ќе Те фалам среде собранието. Вие кои се боите од Бога, фалете Го! Славете Го сите од Јакововиот род! Бојте се од Него сите Израелеви потомци! Зашто не го презре ниту ја заборави тагата на натажениот, и не го скри Своето лице од него, туку го чу, кога Го повика. Затоа ќе Те фалам во големото собрание, ќе ги исполнам своите завети пред оние кои се плашат од Него. Бедните ќе јадат и ќе се наситат, ќе го фалат Господа оние што Го бараат: вашето срце нека живее довека! Ќе си спомнат и ќе се обратат кон Господа сите земни краишта; и пред Него ќе се поклонуваат сите племиња на народите. Зашто Царството е Господово, Тој е владетел над народите. Сите богати на земјата ќе јадат и ќе почитуваат; пред Него ќе се поклонат сите, што слегуваат во правта, а што не можат да ја запазат својата душа во живот. Потомството ќе Му служи Нему. Ќе му се раскажува за Господа на идното поколение. Ќе дојдат и ќе им раскажуваат за Неговата правда, на луѓето кои ќе се родат: „Господ го направи ова!“