Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 18:1-32

Псалми 18:1-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Те љубам, Господи, крепост моја! Господ е моја карпа, моја тврдина и мој избавител, Бог мој, засолниште мое, во кое се засолнувам; мој штит, сила на спасението мое и крепост моја. Ќе Го призовувам Господа, достоен за слава и ќе се спасам од непријателите свои. Јажињата на смртта ме испреплетоа, и погубни потоци ме вознемирија; пеколни мрежи ме заробија, смртни стапици ме стегнаа. Во мојот очај Го повикав Господа и кон мојот Бог извикав. И Тој од Својот свет храм го чу гласот мој, и мојот вик стигна до Неговото уво. Се затресе и се разниша земјата; за­треперија и од темел се поместија горите, зашто Господ се разгневи; се крена дим од Неговите носници и од устата Негова пламна оган, кој проголтува сѐ; вжарени јаглења отскокаа од Него. Ги наведна Тој небесата и слезе, – а мрак падна под нозете Негови. И седна на херувим, па полета и се понесе на ветерни крилја. Од мракот направи Свој заклон, и сенка околу Себе – од густи облаци полни со вода. Од молскање бегаа од Него обла­ците, градот и огнените јаглења. И загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас: град и разгорени јаглења. И ги пушти стрелите Свои и ги распрсна, ги распали молњите – и ги растури. Морските дна се појавија, и осно­вите на вселената се разоткрија од страшната закана Твоја, Господи, од здивот на носниците Твои. Тој посегна од висините, и ме прифати, па ме извлече од многуте води. Ме избави од силните мои непријатели и од оние кои ме мразат, од оние што се посилни од мене. Тие се кренаа против мене во денот на мојата несреќа, но Господ беше потпора моја. Ме изведе Тој на пространо место и ме избави, зашто ме засака. Ме награди Господ според мојата правда, и според чистотата на моите раце ми врати, зашто ги запазив патиштата на Господ и не се оддалечив од мојот Бог; зашто сите заповеди Негови се пред мене, и наредбите Негови не ги отстра­нив од себе. Бев непорочен пред Него и се пазев од беззаконија. И ми даде Господ според мојата правда, и по чистотата на рацете мои пред очите Негови. Со светиите Ти постапуваш свето, со невин човек – си благ, со чистиот – чисто, а со лукавиот – според неговото лукавство, зашто Ти ги спасуваш угнетените, а горделивите ќе ги понизиш. Зашто Ти го осветлуваш моето светило, Господи; мојот Бог ја осветлува темнината моја. Со Тебе и чети совладувам, со мојот Бог и ѕид ќе прескокнам. Бог мој, непорочен е Неговиот пат, Господовите зборови со оган се пречис­тени; Тој е заштитник на сите, кои се засолнуваат кај Него. Зашто, кој е Бог, освен Господ, и кој е тврдина освен нашиот Бог? Бог е Оној Кој ме препашува со си­ла и патот ми го расчистува.

Псалми 18:1-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Те љубам, Господи, тврдино моја! Господи, карпо моја, крепост моја, спасение мое; Боже мој, карпо моја, во Кого барам прибежиште, штит мој, рог на моето спасение, тврдино моја! Ќе Го повикам Господа, Кој е предостоен за фалба и ќе бидам избавен од непријателите. Брановите на смртта ме опкружија, и порои од лоши луѓе ме исплашија. Јажињата на Подземјето ме изврзаа, смртоносните примки ме стегнаа: Во својата неволја Го повикав Господа, и извикав кон својот Бог. Тој го чу мојот повик, од Својот храм, и моето викање стигна до Неговите уши. Тогаш земјата се стресе и се растрепери, се разнишаа основите на планините, се раздвижија, зашто Тој се разгневи. Од Неговите ноздри се крена дим, а од Неговата уста оган, што голта; јаглења се распалија од Него. Тој ги наведна небесата и слезе, и мрак беше под Неговите нозе. Седна врз херув и летна; леташе врз крилјата на ветерот. Ја направи темнината Свое тајно засолниште, се покри со темните води и со густите облаци. Од светкање пред Него, низ Неговите облаци удрија град и огнени јаглења. Господ загрме од небото, Сѐвишниот го даде Својот глас: град и огнени јаглења. Ги прати своите стрели и ги распрсна, и ги расфрли секавиците; тогаш се покажаа морските дна, основите на вселената се открија, од Твојата закана, Господи, од дувањето на здивот на Твојот гнев. Ја испружи Својата рака од небото и ме подзеде, ме извлече од големи води. Ме избави од силниот непријател, од оние што ме мразеа, зашто беа посилни од мене. Станаа против мене во денот на мојата неволја, но Господ ми стана поткрепа. Ме изведе на широко место, ме избави зашто му бев мил. Господ ми даде според мојата праведност; ме награди според чистотата на моите раце; зашто ги запазив Господовите патишта и не се оддалечив од својот Бог. Сите Негови закони се пред мене, не ги отфрлив Неговите заповеди, бев непорочен пред Него и се чував од своето беззаконие. Затоа Господ ми врати според мојата правда, според чистотата на моите раце пред Неговите очи. Со милостивиот, Ти си милостив, на чесниот со чесност му враќаш; со чистиот Ти си чист, а со развратниот Ти си спротивен од него; зашто Ти ги спасуваш нажалените луѓе, а ги понизуваш гордите очи. Ти ја запалуваш мојата светлина, Господи мој Боже, Ти ја осветлуваш мојата темнина: Зашто преку Тебе го разбивам полкот, со мојот Бог прескокнувам преку ѕид. Божјиот пат е совршен; Божјото слово е испитано. Тој е штит на сите, кои се надеваат на Него. Зашто кој е Бог освен Господ? кој е Карпа освен нашиот Бог? Бог, кој ме препашува со сила и го прави совршен мојот пат

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност