Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 132:1-18

Псалми 132:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Сети се, Господи, на Давид и на сета негова ревност, како што се заколна пред Господ, и Му вети на Јакововиот Бог: „Нема да влезам под шаторот на домот свој, и нема да легнам на леглото мое; нема да им дадам сон на очите мои, ни дремка на веѓите мои, ниту одмор на слепоочниците мои, додека не најдам место за Господ, дом за Јакововиот Бог.“ Ете, ние чувме дека е во Ефрата, го најдовме во Јаарските полиња; да влеземе во неговиот дом, да се поклониме пред местата каде што стојат нозете негови. Стани, Господи, дојди во местото ка­де што е Твојата почивка, Ти и светиот ковчег Твој. Твоите свештеници нека се обле­чат во праведност; Твоите светии не­ка се зарадуваат. Поради Давид, Твојот слуга, не одвраќај го лицето Свое од Твојот помазаник. Му се заколна Господ на Давид со верност, и од неа нема да се откаже: „Од плодот на твојата утроба ќе пос­тавам на престолот твој. Ако твоите синови го пазат Мојот завет и Моите сведоштва, на кои ќе ги научам, тогаш и синовите нивни ќе се­дат вечно на твојот престол.“ Зашто Господ го избра Сион, Му омиле да живее во него. „Тоа е моето одмориште засекогаш: тука ќе се населам, бидејќи многу го засакав. Ќе го благословувам и преблаго­сло­вувам трудот негов, сиромасите негови со леб ќе ги наситувам; свештениците негови ќе ги обле­чам во спасение, и светиите негови радосно ќе воскликнуваат. Таму ќе кренам рог за Давид, му подготвив светилник на Мојот пома­заник. Непријателите негови ќе ги обле­чам во срам, а на него ќе блешти круна.“

Псалми 132:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Спомни си, о Господи, за Давида и за сите негови тешкотии; како Му се заколна на Господа, му се заветува на Јакововиот Силен. „Не ќе влезам во шаторот на мојот дом, ниту ќе легнам во леглото на мојата постела; ниту ќе им дадам сон на очите, ниту одмор на моите клепки, додека не Му најдам место на Господа, живеалиште на Силниот Јаковов.“ Ете, чувме за Него во Ефрат, го најдовме во Јарските Полиња. Да влеземе во Неговото живеалиште, да се поклониме пред Неговите нозе! Стани, о Господи, тргни кон Своето почивалиште, Ти и ковчегот на Твојата Сила! Твоите свештеници нека се облечат во праведност, Твоите свети нека воскликнуваат радосно! Заради Давида, Твојот слуга, не свртувај го лицето од Твојот помазаник! Господ му се заколна на Давида, со цврста заклетва од која нема да отстапи: „Потомок од Твојот род ќе го положам на Твојот престол. Ако твоите синови ги пазат Мојот Завет и наредбите на кои ги учам, нивните синови, довека, ќе седат на Твојот престол!“ Зашто Господ го избра Сион, го посака него за Свое седиште. „Ова ми е вечно почивалиште, ќе престојувам тука, зашто така посакав. Ќе ја благословувам нејзината храна, ќе ѝ ги нахранам бедните со леб. Ќе ги облечам во спасение нејзините свештеници, нејзините свети ќе воскликнуваат радосно. Ќе направам таму да изникне рог за Давида, ќе ја подготвам светилката за Мојот помазаник. Ќе ги облечам неговите непријатели со срам, а врз него ќе блеска Мојот венец.“