Псалми 119:29-40
Псалми 119:29-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Отстрани го од мене патот на лагата и научи ме на законот Твој. Го избрав патот на вистината, и не ги заборавив Твоите судови. Се приврзав за сведоштвата Твои, Господи: не ме посрамувај. Ќе брзам по патот на Твоите заповеди, кога ќе го прошириш моето разбирање. Покажи ми го, Господи, патот на Твоите наредби и ќе се придржувам за нив до крај. Поучи ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое. Упати ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав. Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва, а не кон лакомства. Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат. Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе. Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите уредби се прекрасни. Ете, јас копнеам по Твоите правила: Оживеј ме според Својата праведност.
Псалми 119:29-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Држи ме далеку од патот на заблудата и надари ме милостиво со Твојот Закон. Јас го одбрав патот на вистината, пред очите ги ставив Твоите одлуки. Јас цврсто се прилепив до Твоите прописи, о Господи, немој да ме посрамуваш! Јас чекорам по патот на Твоите заповеди, зашто Ти ми го осветли срцето. Покажи ми ја Господи, врвицата на Твоите правила и јас ќе ја чувам до крај. Научи ме да се придржувам кон Твојот Закон и ќе го чувам со сето срце. Упати ме по патеката на Твоите заповеди, зашто јас се насладувам во неа. Приклони ми го срцето кон Твоите прописи, а не кон среброљубие! Одврати ги моите очи да не ја гледаат суетата, чувај ми го животот на Твојот пат! Исполни ги ветувањата на Твојот слуга, што им ги даде на оние кои се бојат од Тебе! Отстрани го срамот, од кој се плашам, зашто се благи Твоите пресуди. Еве, копнеам по Твоите наредби: поживи ме со Твојата правда.