Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 119:121-176

Псалми 119:121-176 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Го правев она што е право и пра­ведно; не предавај ме на моите угнетувачи. Заложи се за доброто на Својот слуга, та да не ме сотрат горделивите. Очите ми копнеат, очекувајќи го спасението од Тебе, и словото на Тво­јата правда. Постапи со Твојот слуга според милоста Своја и научи ме на Твоите по­велби. Слуга Твој сум јас: вразуми ме и ќе ги познаам уредбите Твои. Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го осквернија. Затоа ги засакав заповедите Твои и од топаз и од злато повеќе. Затоа се управував според сите Твои заповеди и лажниот пат го замразив. Прекрасни се Твоите сведоштва: затоа душата моја ги запазува. Објавувањето на Твоите зборови просветува и скромните ги вразумува. Со отворена уста копнеам, зашто жеден сум за Твоите заповеди. Погледај кон мене и помилуј ме, како што постапуваш со оние, кои го сакаат Твоето име. Управувај ги стапките мои според Твоето слово и не допуштај со мене да овладее никакво беззаконие. Избави ме од човечко насилство за да ги пазам Твоите заповеди, озари го Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на Твои­те заповеди. Од очите мои потоци солзи течат, зашто не го пазат Твојот закон. Праведен си Ти, Господи, и пра­ведни се Твоите пресуди. Твоите сведоштва, што си ги дал, се засновани на правда и целосна вистина. Ревноста моја ме јаде, зашто не­пријателите мои ги заборавија Твоите слова. Твоето слово е темелно испитано, и Твојот слуга го сака. Мал сум и презрен, но Твоите пра­вила не ги заборавив. Твојата праведност е вечна пра­ведност, и Твојот закон е вистина. Скрб и мака ме обзедоа; Твоите заповеди се моето уживање. Твоите уредби се праведни довека; вразуми ме, и ќе живеам. Те повикувам со сето срце мое, услиши ме, Господи, – и ќе ги пазам по­велбите Твои. Тебе Те повикувам: спаси ме, за да ги пазам Твоите уредби. Ја испреварувам зората и викам; на Твоето слово се надевам. Очите мои се отвораат пред утринската стража, за да се поучам на Твоите слова. Чуј го мојот глас, според милоста Своја, Господи; според Твојата правда, зачувај ме во живот. Се приближија оние што ме прогонуваат со зла намера; од законот Твој тие се оддалечија. Но Ти си близок, Господи, и сите Твои заповеди се вистина. Одамна знам за Твоите уредби, за­што си ги утврдил засекогаш. Погледај на мојата потиштеност и избави ме, зашто не го заборавив Твојот закон. Пресуди според мојата правда и искупи ме; заради словото Твое оживеј ме. Далеку е спасението од нечести­вите, зашто тие не ги бараат Твоите повелби. Голема е Твојата милост, Госпо­ди, според Твојата правда оживи ме. Многумина ме гонеа и мачеа, но од Твоите уредби јас не отстапив. Ги гледам неверниците и се гнасам, зашто словата Твои не ги пазат. Погледни како ги сакам запо­ведите Твои, запази ми го животот, Гос­поди, поради Твојата милост. Вистината е основа на Твоите слова; и секоја Твоја праведна одредба трае вечно. Кнезовите ме гонат без вина, но срцето мое се плаши само од Твоите зборови. Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо. Ја замразив неправдата и се гнасам од неа; а Твојот закон го сакам. Седумпати на ден Те прославувам за Твоите праведни одредби. Голем е мирот кај оние, кои го са­каат Твојот закон, и за нив нема соблазна. Го чекам спасението од Тебе, Гос­поди, и Твоите заповеди ги извршувам. Душата моја ги пази Твоите уредби, и јас многу ги засакав. Ги пазам Твоите заповеди и Твоите сведоштва, зашто сите мои патишта се пред Тебе, Господи. Нека допре до Тебе молбата моја, Господи; вразуми ме според Твоите збо­рови. Нека барањето мое дојде пред Тебе; избави ме според Твоето слово. Од устата моја нека се произнесе похвала, кога ќе ме научиш на Твоите повелби. Јазикот мој нека ги разгласи Твои­те зборови, зашто сите Твои заповеди се праведни. Нека ми биде Твојата рака на спа­сение, зашто Твоите заповеди ги избрав. Копнеам, Господи, за спасение од Тебе и Твојот закон е мојата наслада. Нека живее душата моја и нека Те слави; и Твоите уредби нека ми помогнат. Се заблудив како загубена овца: побарај го Твојот слуга, зашто не ги заборавив Твоите заповеди.

Псалми 119:121-176 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Направив суд и правда не ме предавај на моите угнетувачи. Застапи се за Твојот слуга, за да не ме сотрат горделивите! Моите очи копнеат за Твоето спасение, за Твојот праведен збор. Постапувај со Твојот слуга според Твојата милост и научи ме на Твоите повелби. Јас сум Твој слуга, вразуми ме, за да ги запознаам Твоите сведоштва. О Господи, време е да дејствуваш: зашто го нарушија Твојот Закон. Затоа ги љубам Твоите заповеди, повеќе од злато, од пречистено злато. Затоа ги почитувам сите Твои наредби, во секое нешто, омразени ми се сите лажни патишта. Прекрасни се Твоите сведоштва, затоа мојата душа ги пази. Објаснувањето на Твоите зборови просветлува, ги вразумува простодушните. Ја отворам мојата уста и воздивнувам, зашто копнеам за Твоите заповеди. Сврти се кон мене и биди ми милостив, како на оние, кои го љубат Твоето име. Управувај ги моите чекори, за да не завладее со мене никакво беззаконие. Избави ме од човечкото насилство, и ќе ги чувам Твоите наредби. Со Твоето лице осветли го Твојот слуга, и научи ме на Твоите повелби! Потоци солзи потекоа од моите очи, зашто не се запазува Твојот Закон. Праведен си, Господи, и прави се Твоите судови. Твоите сведоштва што си ги заветувал се правда и величествена вистина. Мојата ревност ме подјадува, зашто моите угнетувачи ги забораваат Твоите зборови. Твоите зборови се испитани многу, затоа Твојот слуга ги љуби. Мал сум и презрен, но Твоите наредби не ги заборавам. Твојата правда е вечна правда и Твојот Закон е чиста вистина. Ме снајдоа тешкотии и неволји; но Твоите заповеди се моја наслада. Вечна е правдата на Твоето сведоштво, вразуми ме, и ќе живеам. Викам, од сето срце, Господи, послушај ме: ќе ги пазам Твоите повелби. Кон Тебе викам, спаси ме, ќе се држам за Твоите сведоштва. Ја престигнав зората и се молам за помош, се надевам на Твоите зборови. Моите очи ги престигнуваат ноќните стражи, за да размислувам за Твојата беседа. Господи, послушај го мојот глас, според Твојата добрина, и оживи ме според Твојата одлука. Наближуваат оние кои ме гонат неправедно, тие се далеку од Твојот Закон. А и Ти си близу, Господи, и сите Твои заповеди се вистина. Одамна знам за Твоите сведоштва дека ги создаде засекогаш. Погледај на мојата неволја, избави ме, зашто не го заборавам Твојот Закон. Брани ја мојата парница и откупи ме, поживи ме според Твоето ветување. Спасението е далеку од грешниците, зашто не се грижат за Твоите повелби. Голема е, Господи, Твојата милост: поживи ме според Твоите одлуки. Мнозина ме гонат и угнетуваат, јас не отстапувам од Твоите прописи. Ете, видов отпадници и ми се згадија, зашто не ги чуваа Твоите зборови. Ете, ги љубам Твоите зборови, о Господи, поживи ме според Твојата милост. Целината на Твојот збор е вистина, секој од Твоите праведни судови е вечен. Кнезовите ме прогонуваат без причина, но моето срце трепери само пред Твоите зборови. Им се радувам на Твоите беседи, како оној што наоѓа многу користи. Ја мразам лагата и се гнасам од неа, а го љубам Твојот Закон. Те прославувам Тебе седумпати дневно, заради Твоите праведни судови. Оние кои го љубат Твојот Закон, уживаат голем мир, не се сопнуваат на ништо. Ја чекам Твојата помош, о Господи, ги извршувам Твоите заповеди. Мојата душа ги чува Твоите сведоштва и ги љуби многу. Ги чувам Твоите наредби и Твоето сведоштво, зашто сите мои патишта се пред Тебе. Господи, моето викање нека стигне до Тебе, вразуми ме според Твојот збор. Нека дојде мојата молитва пред Твоето лице, избави ме според Твојот збор. Моите усни нека запеат пофална песна, зашто ме научи на Твоите повелби. Мојот јазик нека пее за Твоето слово, зашто сите Твои заповеди се праведни. Твојата рака нека ми биде на помош, зашто ги избрав Твоите наредби! Господи, копнеам за Твоето спасение, се насладувам во Твојот Закон. Нека живее мојата душа и нека Те фали, а Твоите судови нека ми бидат на помош! Јас заскитав како изгубена овца; о побарај го Твојот слуга, зашто јас не ги заборавив Твоите заповеди.