Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 119:1-40

Псалми 119:1-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов. Блажени се оние кои ги пазат све­доштвата Негови и од сѐ срце Го ба­раат, оние кои не вршат беззаконие, туку одат по Неговите патишта. Ти заповеда грижливо да се пазат Твоите заповеди. О, да се управат моите патишта за да ги чувам Твоите заповеди! Тогаш нема да се засрамам, гле­дајќи ги сите Твои заповеди. Ќе Те славам Господи со чисто срце, кога ќе ги научам Твоите праведни су­дови. Ќе ги пазам Твоите заповеди; не оставај ме сосема. Како момчето ќе го запази во чистота патот свој? – Ако ги пази зборовите Твои! Со сето срце мое Те барам, не доз­волувај да застранам од Твоите заповеди. Ги сокрив во срцето свое запо­ведите Твои, за да не грешам пред Тебе. Благословен си Ти, Господи! Научи ме на Твоите повелби. Со устата своја ги разгласив сите уредби од устата Твоја. По патот на Твоите сведоштва се насладувам како во секое богатство. Ќе размислам за Твоите заповеди и ќе ги управувам очите мои на патот Твој. Од повелбите Твои ќе се поучу­вам, нема да ги заборавам Твоите зборови. Покажи милост кон Твојот слуга, и ќе живеам и ќе ги пазам Твоите зборо­ви. Отвори ги очите мои, и ќе ги раз­берам чудесата од Твојот закон. Придојден сум на земјава, не сокривај ги од мене Твоите заповеди. И копнее душата моја во секое време да ги сака Твоите уредби. Ти ги укоруваш горделивите; про­к­лети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди. Отстрани го од мене прекорот и презирот, зашто ги пазев Твоите прописи. Кнезовите седат и ме клеветат, а Твојот слуга размислува за Твоите повелби. Сведоштвата, пак, Твои се поука моја, а наредбите Твои – советници. Душата моја лежи во прав: оживи ме според зборот Твој. Патиштата мои Ти ги кажав, и Ти ме чу; научи ме на Твоите повелби. Вразуми ме да го разберам патот на Твоите повелби и јас ќе размислувам за Твоите чудеса. Душата моја засолзи од тага, за­цврсти ме со зборовите Твои. Отстрани го од мене патот на лагата и научи ме на законот Твој. Го избрав патот на вистината, и не ги заборавив Твоите судови. Се приврзав за сведоштвата Твои, Господи: не ме посрамувај. Ќе брзам по патот на Твоите запо­веди, кога ќе го прошириш моето раз­бирање. Покажи ми го, Господи, патот на Твоите наредби и ќе се придржувам за нив до крај. Поучи ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое. Упати ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав. Приклони го срцето мое кон Твои­те сведоштва, а не кон лакомства. Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат. Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе. Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите уредби се прекрасни. Ете, јас копнеам по Твоите правила: Оживеј ме според Својата праведност.

Псалми 119:1-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Блажени се чиј пат е непорочен, кои одат според Господовиот Закон! Блажени кои: ги чуваат Неговите сведоштва, Го бараат со целото срце. Кои не прават беззаконие, туку одат по Неговите патишта. Ги даде Своите прописи, за да бидат пазени грижливо. О, кога би биле цврсти моите патишта, за да ги чувам Твоите правила! Не ќе се засрамам тогаш, кога ќе внимавам на сите Твои заповеди. Ќе Те славам во чесноста на срцето, кога ќе ги научам пресудите на Твојата правда. Ќе ги чувам Твоите повелби: не ме оставај никогаш! Како ќе го запази младиот човек чист својот пат? чувајќи ги Твоите зборови. Те барам Тебе со целото свое срце; не оставај да скршнам настрана од Твоите заповеди. Во срцето го запазив Твојот збор, за да не згрешам против Тебе. Благословен си, о Господи, научи ме на Своите повелби. Со своите усни ги навестувам, сите судови на Твојата уста. Се радувам на патот на Твоите прописи, повеќе отколку на сето богатство. Ќе размислувам за Твоите повелби и ќе ги разгледувам Твоите заповеди. Ќе се насладувам во Твоите правила, не ќе ги заборавам Твоите слова. Биди милостив кон мене, кон Твојот слуга, за да живеам и да ги чувам Твоите зборови. Отвори ги моите очи, за да ги гледам убавините на Твојот Закон! Јас сум придојденик на земјата, не ги криј од мене Твоите заповеди! Душата ми се истоштува во секое време, копнеејќи за Твоите одлуки. Ти им се закани на гордите, проклети да се оние, што отстапуваат од Твоите заповеди. Оддалечи ги од мене: презрението и срамот, зашто јас ги чувам Твоите сведоштва. Кнезовите се состануваат и зборуваат против мене, Твојот слуга ќе размислува за Твоите заповеди. Зашто Твоите сведоштва се моја наслада, Твоите повелби се мои советници. Мојата душа лежи во прав: врати ми го животот според Твојот збор. Ти ги кажував сите свои патишта и Ти ме чу: ме научи на Твоите заповеди. Покажи ми го патот со Твоите правила и ќе размислувам за Твоите чудеса. Мојата душа рони солзи од тага, подигни ме според Твојот збор! Држи ме далеку од патот на заблудата и надари ме милостиво со Твојот Закон. Јас го одбрав патот на вистината, пред очите ги ставив Твоите одлуки. Јас цврсто се прилепив до Твоите прописи, о Господи, немој да ме посрамуваш! Јас чекорам по патот на Твоите заповеди, зашто Ти ми го осветли срцето. Покажи ми ја Господи, врвицата на Твоите правила и јас ќе ја чувам до крај. Научи ме да се придржувам кон Твојот Закон и ќе го чувам со сето срце. Упати ме по патеката на Твоите заповеди, зашто јас се насладувам во неа. Приклони ми го срцето кон Твоите прописи, а не кон среброљубие! Одврати ги моите очи да не ја гледаат суетата, чувај ми го животот на Твојот пат! Исполни ги ветувањата на Твојот слуга, што им ги даде на оние кои се бојат од Тебе! Отстрани го срамот, од кој се плашам, зашто се благи Твоите пресуди. Еве, копнеам по Твоите наредби: поживи ме со Твојата правда.