Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 106:1-15

Псалми 106:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Алилуја! Славете Го Господа, зашто е добар, зашто Неговата милост е вечна. Кој ќе ја искаже силата на Господ, кој ќе ја разгласи сета похвала Негова? Блажени се оние што се држат до правдата и вршат праведност во секое време. Сети се на мене, Господи, во благо­волението Свое кон Твојот на­род; помогни ми кога ќе ги спасуваш нив, за да ги видам во добрини Твоите избраници, за да се развеселам со веселбата на Твојот народ, за да се пофалам заедно со Твоето наследство. Згрешивме ние и татковците наши, правевме беззаконија, постапувавме нечестиво. Нашите татковци во Египет не ги ценеа Твоите чудеса, не ги помнеа мно­гуте милости Твои и се побунија кога се приближија до Црвеното Море. Но Тој ги спаси заради името Свое, за да им ја покаже силата Своја. Му се закани на Црвеното Море, и тоа се исуши; и ги преведе по бездните како по пустина; и ги спаси од рацете на оние што ги намразија и ги избави од рацете на непријателите. Водите ги покрија нивните неприја­тели; не остана ниеден од нив. И тие поверуваа на зборовите Него­ви и Му испеаја похвала. Но тие набргу ги заборавија делата Негови, не го дочекаа Неговото реше­ние; се занесоа од похотливоста во пус­тината, па Го искушуваа Бога во без­водната земја. Тој го исполни нивното барање, но прати и пораз за душите нивни.

Псалми 106:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Алилуја! Фалете Го Господа, зашто е благ! Зашто е вечна Неговата милост! Кој може да ги искаже Господовите моќни дела? Кој ли ќе Му ги разгласи сите Негови пофалби? Блажени се оние, кои ги држат Неговите наредби и кои прават правда во секое време! Спомни си за мене, Господи, според добрината кон Својот народ, посети ме со Своето спасение, за да ја уживам среќата на Твоите избраници, за да се радувам со радоста на Твојот народ, за да се фалам со Твоето наследство. Згрешивме како нашите татковци, правевме беззаконија, работевме безбожно. Нашите татковци во Египет, незагрижени за Твоите чудеса, не си спомнуваа за Твојата голема милост, туку се побунија крај морето, крај Црвеното Море. Но Тој ги избави заради Своето Име, за да ја покажеш Својата сила. Му заповеда на Црвеното Море и тоа пресуши, ги преведе меѓу брановите како низ пустина. Ги избави од рацете на нивните мразители, ги ослободи од рацете на душманите. И водите ги покрија нивните непријатели, не остана ниеден од нив. Тогаш поверуваа на Неговите зборови и Му пееја пофалби. Но речиси ги заборавија Неговите дела, не се надеваа на Неговата волја. Се полакомија многу во пустината, Го искушуваа Бога во осаменост. И им даде што бараа, но им испрати треска во нивните души.