Изреки 4:14-22
Изреки 4:14-22 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Не оди на пат безбожнички и не оди по патот на лоши луѓе; остави го, не оди по него, отстрани се од него и заобиколи го; зашто тие не заспиваат, ако не направат зло; и сон не ги фаќа, ако не доведат некого до пад; зашто тие јадат леб од беззаконие и пијат вино од грабеж. Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе, дури не настане ден. А патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат. Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои; да не отстапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свое: зашто тие се живот за оној што ги нашол, и здравје за целото тело негово.
Изреки 4:14-22 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите. Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го, зашто тие не спијат ако не направат зло, и сонот не им иде ако не го голтнат некого. Зашто го јадат лебот на нечесноста и го пијат виното на насилништвото. А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сѐ појасна до полниот ден. А патот на нечесните е како темнина, не знаат на што ќе се сопнат. Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи; не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце; зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело.