Изреки 19:1-14
Изреки 19:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку богат со лажлива уста, притоа и глупав. Не ѝ е добро на душата без знаење; а кој брза со нозете, се сопнува. Глупавоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господ. Богатството собира многу пријатели, а сиромавиот го напушта и пријателот негов. Лажниот сведок нема да остане неказнет, и кој говори лага, нема да се спаси. Мнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци. Сиромавиот го мразат сите негови браќа, а уште повеќе се оддалечуваат од него пријателите: трчка по нив, за да проговори – но нив ги нема. Кој се здобива со разум, ја сака душата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа среќа. Лажниот сведок нема да остане неказнет, а кој говори лага, ќе загине. На глупавиот не му прилега раскош, уште помалку на слуга – да господари над кнезови. Благоразумноста го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде попустлив кон грешките. Гневот на царот е како лавовско рикање, а милоста негова – како роса по трева. Глупав син е пропаст за татко си, и жена кавгаџика е како незапирлива капка од стреа. Куќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господ.
Изреки 19:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Подобар е сиромавиот кој живее во непорочност, отколку човек со нечесни усни и при тоа и безумен. Ревносна душа без разумност не е добра, и кој оди брзо, се сопнува. Безумието го расипува животот на човекот, а срцето му се лути на Господа! Богатството прибавува многу пријатели, а бедниот го остава и неговиот пријател. Лажливиот сведок не останува без казна, и кој шири лаги, нема да избега. Мнозина му ласкат на лицето на дародавецот, и секој му е пријател на дарежлив човек. Бедниот го мразат сите негови браќа, уште повеќе се оддалечуваат од него, неговите пријатели. Тој копнее за добри зборови, но не ги наоѓа. Кој стекнува разумност, си ја сака душата, а кој го чува разумот, наоѓа среќа. Лажливиот сведок не останува без казна, и кој шири лаги, ќе пропадне. Не му прилега на безумен да живее раскошно, уште помалку на слуга да владее над кнезовите. Благоразумието го запира човекот од гнев, и чест му е да ја прости грешката. Гневот на царот е како рикање на лав, а неговата благонаклонетост како роса на трева. Безумниот син е несреќа за својот татко, и женините препирки се постојано прокиснување. Куќата и богатството се наследуваат од татковците, а благоразумната жена е од Господа.