Изреки 16:1-16
Изреки 16:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Човекот размислува во срцето свое, но одговорот на јазикот е од Господ. Сите дела на човекот му изгледаат дека се исправни, но Господ ги испитува душите. Предај ги делата свои на Господ, и твоите намери ќе се исполнат. Господ направил сѐ со определена цел, а и безбожниците – за судниот ден. Секој горделив по срце е одвратност пред Господ: биди сигурен дека тој нема да остане неказнет. Со милосрдност и правда грев се исчистува, и со страв Господов зло се отстранува. Кога на Бога Му се пријатни патиштата на човекот, Тој и со непријателите негови го смирува. Подобро мала печалба со правда, отколку голема добивка со неправда. Човекот сам го обмислува патот свој, но Господ управува со него. Во устата на царот има вдахновено слово; неговата уста не смее да греши на суд. Точните мерила и тасовите се од Господ; од него се и сите точни мери. Незаконското дело е одвратно за царевите, зашто со правда престолот се зајакнува. Справедлива уста на царот му е пријатна, и тој го сака оној, што ја кажува вистината. Царевиот гнев е гласник на смртта; но мудар човек ќе го смилостиви царот. Во светлиот поглед на царот има живот, и неговото благоволение е облак со задоцнет дожд. Да се здобиеш со мудрост е многу подобро, отколку со злато, и да се здобиеш со разум е повеќе за претпочитување отколку одбрано сребро.
Изреки 16:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Човекот смислува во срцето, а од Господа е што ќе одговори јазикот. На човекот сите негови патишта му изгледаат чисти, а Господ ги испитува духовите. Препушти му ги на Господа своите дела, и твоите намери ќе се сигурни. Господ создаде сѐ за сопствена цел, па и нечесниот за денот на злото. Омразен Му е на Господа секој со гордо срце, таков навистина не останува без казна. Со милост и вистина се очистува неправдата, и со стравот од Господа се отстранува злото. Кога на Господа Му се мили човековите патишта и неговите непријатели ги помирува со него. Подобро е малку со правда, отколку големи приходи со неправда. Човековото срце го смислува својот пат, но Господ ги управува неговите чекори. Вдахновена одлука е во усните на царот: неговата уста нема да згреши во пресудата. Чесните ваги и премерувањата Му припаѓаат на Господа; сите тегови во торбите се Негово дело. Омразено им е на царевите да се врши беззаконие, зашто престолот се уцврстува со правда. Пријатни им се на царевите праведни усни, и тие го љубат оној кој зборува вистина. Царевиот гнев е вестител на смртта, но мудриот човек го ублажува. Во ведрото лице на царот е живот, и неговата милост е како облак со пролетен дожд. Пополезно е да се стекне мудрост, отколку злато, и придобивањето на разум е поскапоцено, отколку среброто.