Изреки 11:16-31
Изреки 11:16-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Добрата жена спечалува слава, а работливиот човек се здобива со богатство. Милосрдниот човек си прави добро на душата своја, а жестокиот по срце го руши телото свое. Безбожникот врши измамлива работа, а на оној што сее правда, наградата му е вистинска. Праведноста води кон живот, а кој се стреми кон зло, се стреми кон смртта своја. Подмолните по срце се одвратни пред Господ, а непорочните во својот пат Нему Му се благоугодни. Можеш со сигурност да речеш дека порочниот нема да остане неказнет, а семето на праведните ќе се спаси. Она што е златна алка на носот кај свињата, тоа е жена убава, но без разум. Праведните сакаат само добро, а нечестивите ги очекува гнев. Еден раздава штедро, и уште му се додава; а друг преку мера е скржав, и пак е сиромав. Добротворната душа ќе биде наситена, и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен. Кој задржува храна за себе, него народот го проколнува; а кој ја продава – врз главата негова стои благослов. Кој се стреми кон добро, тој бара благоволение; а кој бара зло, него и го снаоѓа. Оној што се надева на богатството свое, ќе пропадне; а праведниците како зелено дрво ќе напредуваат. Кој ја запустува куќата своја, ќе наследи ветар, а неразумниот му е слуга на мудриот. Плодот на праведникот е дрво на животот, а мудриот придобива човечки души. Ако на праведникот му се плаќа на земјата, дотолку повеќе на нечестивиот и на грешниот.
Изреки 11:16-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Благочестивата жена придобива слава, а трудољубивите мажи богатство. Милостивиот човек сам си прави добро, а жестокиот го измачува сопственото тело. Нечесниот човек придобива измамлива печалба, а кој сее правда, има сигурна награда. Кој е цврст во справедливоста, оди во живот, а кој трчи по злото, за смрт му е. Одвратни му се на Господа нечесните во срцето, а непорочните во патот му се благоугодни. Навистина, зол човек не ќе помине без казна, а потомството на праведникот ќе се избави. Златна обетка на носот на свињата: таква е убава жена а без разум. Праведничката желба е само добро, а очекувањето на нечесните гнев. Кој дели изобилно, сѐ повеќе има, а кој скржави сѐ е посиромашен. Благотворната душа наоѓа поткрепа, а кој ги напојува другите, сам ќе се напои. Кој не дава жито, народот го колне, а благословот е над главата на оној што го продава. Кој се стреми кон добро, наоѓа милост, а кој оди по злото, тоа ќе го снајде. Кој се надева на богатство, пропаѓа, а праведните ќе цветат како зелено лисје. Кој ја запустува својата куќа, ќе наследи ветер, а неумниот му е слуга на умниот по срце. Праведниковиот плод е дрво на животот, а мудрец е, кој придобива души. Ако на праведникот му се плаќа за заслуженото на земјата колку повеќе на нечесниот и на грешниот.