Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 1:8-19

Изреки 1:8-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Слушај ја, синко, поуката на својот татко и не отфрлај го заветот на мајка си, зашто тоа е красен венец за главата твоја и украс за вратот твој. Синко, ако те мамат грешници, не попуштај; ако кажат: „Дојди со нас, да напра­виме заседа за убиство, да го пречекаме непорочниот без вина, жив да го голтнеме, како што голта пеколот, и цел како оној што слегува во гроб; да си натрупаме секаков скапоцен имот, да ги наполниме куќите наши со плен; ти ќе фрлаш ждрепка заедно со нас, една торба ќе има за сите нас.“ Синко, не оди на пат со нив, за­држи си ја ногата од патеките нивни, зашто нозете нивни трчаат кон злото и брзаат крв да пролеваат; зашто напразно е да се распнува мрежа пред очите на сите птици. Но тие прават заседа против крв­та своја, демнат против душите свои. Такви се патиштата на секој, кој е алчен на туѓ имот: тоа му го одзема животот на оној, што го заграбил.

Изреки 1:8-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Сине мој, послушај ја поуката на својот татко и не отфрлај го учењето на својата мајка! Зашто ќе ти бидат милостив венец на главата и ѓердан околу твојот врат. Сине мој, ако грешниците те мамат, не се согласувај; ако ти речат: „Дојди со нас, да дебнеме крв, да чекаме во заседа невини за ништо; како гроб живи да ги проголтаме, и цели како оние, што слегуваат во гроб; ќе заплениме секакво благо, ќе ги наполниме своите куќи со плен; ќе го фрлаш со нас својот жреб, сите заедно ќе имаме едно ќесе.“ Сине мој, не оди со нив на пат, тргни ја ногата од нивните патеки, зашто кон зло трчаат со своите нозе и итаат да пролеваат крв. Зашто напразно е да се оптегнува мрежа, пред очите на сите птици. А тие ја дебнат сопствената крв, поставуваат заседа за своите души. Такви се патиштата на сите лакоми за пари, на завладеаните од нив им го одзема животот.