Филипјаните 3:7-16
Филипјаните 3:7-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба. Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Христос, и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Христос, односно со праведноста од Бога преку верата; за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите. Велам така не затоа што веќе достигнав, или дека веќе постигнав совршенство, туку се стремам да го достигнам она со кое Христос ме достигна мене. Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос. Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие. Но, само да го држиме она до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да продолжиме.
Филипјаните 3:7-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Но сите тие нешта што порано толку многу ми значеа, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за безвредни. И уште повеќе, сметам дека се е рамно на загуба во споредба со таа скапоцена придобивка: да се познава Исус Христос, мојот Господ. Заради Него се откажав од сите тие телесни вредности и ги сметам за обичен смет. Христос е се што ми треба. Со Него сакам да бидам, не преку моја сопствена праведност, што би произлегувала од придржување кон верскиот Закон, туку преку праведност што се добива заради вера во Христос, праведност што доаѓа од Бог, врз основа на вера. Сакам длабоко да Го запознаам Христос, да ја доживеам силата што Го воскресна, да искусам дел од Неговите страдања и да се идентификувам со Неговата смрт, па така некако да стигнам до воскреснување од мртвите. Јас не велам дека веќе сум успеал да го постигнам тоа, или дека сум станал совршен. Но, и понатаму се стремам да ги постигнам целите заради кои Исус Христос ме придоби. Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа, но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од се срце да се стремам кон она што е пред мене. Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, не повика. Сите што сте духовно зрели, вака треба да размислувате. Ако во нешто не се согласувате, верувам дека Бог тоа ќе ви го разјасни. Но важно е да продолжиме да се придржуваме до вистината што веќе ја прифативме.
Филипјаните 3:7-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Но тоа што ми беше некогаш придобивка, тоа го сметав за загуба поради Христа. Во суштина, јас и сега сметам сѐ за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, Мојот Господ, заради Кого изгубив сѐ и сѐ сметам за отпад, за да Го придобијам Христа и да се најдам во Него, немајќи своја правда, која доаѓа од Законот; туку по правдата, која доаѓа преку верата на Христа: правдата од Бога врз основа на верата, за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, станувајќи сличен на Него во Неговата смрт, та некако да достигнам до воскресението од мртви. Не велам дека веќе го достигнав или дека веќе дојдов до совршенство - туку настојувам да го достигнам, зашто и мене Христос ме достигна. Браќа, јас уште не мислам дека го достигнав! Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта: за наградата на горното призвание од Бога во Христа Исуса. И така, кои сме совршени мислиме вака; ако вие мислите и нешто поинаку, Бог ќе ви го открие и тоа. Но по она, до кое достигнавме, според истото правило и да бидеме едномислени!