Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 3:12-21

Филипјаните 3:12-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Јас не велам дека веќе сум успеал да го постигнам тоа, или дека сум станал совршен. Но, и понатаму се стремам да ги постигнам целите заради кои Исус Христос ме придоби. Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа, но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од се срце да се стремам кон она што е пред мене. Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, не повика. Сите што сте духовно зрели, вака треба да размислувате. Ако во нешто не се согласувате, верувам дека Бог тоа ќе ви го разјасни. Но важно е да продолжиме да се придржуваме до вистината што веќе ја прифативме. Драги пријатели христијани, одете по моите стапки. Гледајте на оние што го следат нашиот пример. Многу пати досега сум ви го кажал ова, а и сега, со солзи во очите ќе ви го повторам: има многу луѓе кои според начинот на кој живеат му се непријатели на Христовиот крст. Тие ќе завршат во пеколот, бидејќи нивните телесни желби им се бог. Се гордеат со она од што би требало да се срамат и размислуваат само за овоземни работи. За разлика од нив, ние сме жители на небото и желно очекуваме нашиот Спасител, Господ Исус Христос, оттаму да дојде. Тој ќе ги преобрази нашите слаби, смртни тела и ќе ги направи слични на Неговото славно тело, со истата моќ со која ќе ја преземе власта над се.

Филипјаните 3:12-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Велам така не затоа што веќе дос­тигнав, или дека веќе постигнав со­вр­шен­ство, туку се стремам да го достигнам она со кое Христос ме достигна мене. Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос. Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие. Но, само да го држиме она до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да продолжиме. Следете го мојот пример, браќа, и гледајте ги оние што живеат според образецот што го имате во вас. Зашто мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов; нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи. А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спа­сителот, нашиот Господ Исус Христос. Тој ќе го преобрази нашето по­ни­зе­но тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчинува под Себе сѐ.

Филипјаните 3:12-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Не велам дека веќе го достигнав или дека веќе дојдов до совршенство - туку настојувам да го достигнам, зашто и мене Христос ме достигна. Браќа, јас уште не мислам дека го достигнав! Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта: за наградата на горното призвание од Бога во Христа Исуса. И така, кои сме совршени мислиме вака; ако вие мислите и нешто поинаку, Бог ќе ви го открие и тоа. Но по она, до кое достигнавме, според истото правило и да бидеме едномислени! Угледајте се на мене, браќа и гледајте на оние, кои одат онака, како што и вие имате пример во нас! Зашто мнозина, за кои ви зборував многупати, а сега зборувам и со солзи одат како непријатели на крстот Христов. Нивниот крај е погибел; нивниот бог е стомакот; нивната слава е во нивниот срам; тие мислат само на земното. А нашето жителство е на небесата, од каде и Го очекуваме Спасителот, Господа Исуса Христа, Кој ќе го преобрази нашето унизено тело, да се сообрази со Неговото славно тело, според дејствието на Неговата сила, со која може да покори сѐ под Себе.