Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Филипјаните 3:1-21

Филипјаните 3:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но, браќа мои, радувајте се во Господ! Зашто мене не ми е здодевно да ви пишувам исти нешта, а за вас тоа значи безбедност. Чувајте се од кучињата, чувајте се од лошите работници, чувајте се од лажно обрезување, зашто вистинското обрезување сме ние, кои со Духот Му служиме на Бога и се гордееме со Христос Исус, и не се надеваме на телото, иако јас можам да се надевам и на телото. Ако некој друг мисли дека мо­же да се надева на телото, тогаш уште повеќе можам да се надевам јас, кој сум обрезан во осмиот ден, од родот Израелов, од Венијаминовото колено, Евреин од Евреите, по законот фарисеј, по ревност – гонител на Божјата Црква, според правдата на Законот – беспрекорен. Но тоа што беше за мене придобивка, поради Христос го сметав за загуба. Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Хрис­тос, и да се најдам во Него, не со својата праведност стекната од Законот, туку со придобивката преку верата во Хрис­тос, односно со праведноста од Бога преку верата; за да Го познаам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, грижејќи се мојата смрт да биде слична со Неговата, та некако да го достигнам воскресението на мртвите. Велам така не затоа што веќе дос­тигнав, или дека веќе постигнав со­вр­шен­ство, туку се стремам да го достигнам она со кое Христос ме достигна мене. Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос. Ние, кои сме, пак, совршени, мислиме така; ако, пак нешто инаку мислите, Бог и тоа ќе ви го открие. Но, само да го држиме она до кое достигнавме, да бидеме едномислени и по истото правило да продолжиме. Следете го мојот пример, браќа, и гледајте ги оние што живеат според образецот што го имате во вас. Зашто мнозина, за кои често сум ви зборувал, а сега дури и со солзи говорам, постапуваат како непријатели на крстот Христов; нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи. А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спа­сителот, нашиот Господ Исус Христос. Тој ќе го преобрази нашето по­ни­зе­но тело да стане подобно на Неговото славно тело, со силата преку која Тој може да потчинува под Себе сѐ.

Филипјаните 3:1-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

За крај, драги мои, радувајте се што Му припаѓате на Господ. Мене не ми е тешко одново да ви го напишам истото нешто што веќе порано сум ви го пишувал, бидејќи тоа ќе придонесе да се заштитите. Чувајте се од тие зли луѓе, од тие кучиња што тврдат дека обрежувањето е неопходно! Тоа е лажна побожност! Ние, а не тие, сме обрежани на вистинскиот начин, зашто преку (Светиот) Дух Му служиме на Бог и се гордееме со Исус Христос. Ние не ја полагаме својата вера во телесни вредности. Јас, се разбира, би можел да се потпрам на телесните вредности. Ако некој мисли дека може да се потпира на телесни вредности, нека знае дека јас имам многу повеќе причини така да мислам. Обрежан сум кога сум имал осум дена, Израелец сум по раѓање, од племето на Бинјамин - чистокрвен Евреин. Им припаѓав на фарисеите, што подразбира стриктно придржување кон верските закони. Бев толку ревносен, што дури ги прогонував христијаните. Толку колку што човек може да биде праведен со почитување на заповедите од верскиот Закон, јас беспрекорно се придржував до нив. Но сите тие нешта што порано толку многу ми значеа, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за безвредни. И уште повеќе, сметам дека се е рамно на загуба во споредба со таа скапоцена придобивка: да се познава Исус Христос, мојот Господ. Заради Него се откажав од сите тие телесни вредности и ги сметам за обичен смет. Христос е се што ми треба. Со Него сакам да бидам, не преку моја сопствена праведност, што би произлегувала од придржување кон верскиот Закон, туку преку праведност што се добива заради вера во Христос, праведност што доаѓа од Бог, врз основа на вера. Сакам длабоко да Го запознаам Христос, да ја доживеам силата што Го воскресна, да искусам дел од Неговите страдања и да се идентификувам со Неговата смрт, па така некако да стигнам до воскреснување од мртвите. Јас не велам дека веќе сум успеал да го постигнам тоа, или дека сум станал совршен. Но, и понатаму се стремам да ги постигнам целите заради кои Исус Христос ме придоби. Се разбира, драги пријатели христијани, јас не мислам дека веќе сум успеал да го достигнам тоа, но мислам дека успеав да го заборавам она што е зад мене и од се срце да се стремам кон она што е пред мене. Трчам право кон целта, за да ја добијам наградата, небесното жителство за кое Бог, преку Исус Христос, не повика. Сите што сте духовно зрели, вака треба да размислувате. Ако во нешто не се согласувате, верувам дека Бог тоа ќе ви го разјасни. Но важно е да продолжиме да се придржуваме до вистината што веќе ја прифативме. Драги пријатели христијани, одете по моите стапки. Гледајте на оние што го следат нашиот пример. Многу пати досега сум ви го кажал ова, а и сега, со солзи во очите ќе ви го повторам: има многу луѓе кои според начинот на кој живеат му се непријатели на Христовиот крст. Тие ќе завршат во пеколот, бидејќи нивните телесни желби им се бог. Се гордеат со она од што би требало да се срамат и размислуваат само за овоземни работи. За разлика од нив, ние сме жители на небото и желно очекуваме нашиот Спасител, Господ Исус Христос, оттаму да дојде. Тој ќе ги преобрази нашите слаби, смртни тела и ќе ги направи слични на Неговото славно тело, со истата моќ со која ќе ја преземе власта над се.

Филипјаните 3:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, браќа мои, радувајте се во Господа! Мене не ми е здодевно да ви пишувам исто, а вам ви служи за безбедност. Пазете се од кучињата, пазете се од лошите работници, пазете се од лажно обрезание! Зашто, ние сме вистинското обрезание; ние, кои служиме со Божјиот Дух и се фалиме во Христа Исуса, а не се надеваме во телото, иако и јас можам да се доверам и на телото. Ако некој друг мисли дека може да се надева на телото, тоа јас, уште повеќе: обрезан сум во осмиот ден, од Израелевиот род сум, од Венијаминовото племе, Евреин од Евреите; по закон - фарисеј; по ревност - гонител на Црквата; по правдата на Законот бев беспрекорен. Но тоа што ми беше некогаш придобивка, тоа го сметав за загуба поради Христа. Во суштина, јас и сега сметам сѐ за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, Мојот Господ, заради Кого изгубив сѐ и сѐ сметам за отпад, за да Го придобијам Христа и да се најдам во Него, немајќи своја правда, која доаѓа од Законот; туку по правдата, која доаѓа преку верата на Христа: правдата од Бога врз основа на верата, за да Го познавам Него, и силата на Неговото воскресение, и учеството во Неговите страдања, станувајќи сличен на Него во Неговата смрт, та некако да достигнам до воскресението од мртви. Не велам дека веќе го достигнав или дека веќе дојдов до совршенство - туку настојувам да го достигнам, зашто и мене Христос ме достигна. Браќа, јас уште не мислам дека го достигнав! Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта: за наградата на горното призвание од Бога во Христа Исуса. И така, кои сме совршени мислиме вака; ако вие мислите и нешто поинаку, Бог ќе ви го открие и тоа. Но по она, до кое достигнавме, според истото правило и да бидеме едномислени! Угледајте се на мене, браќа и гледајте на оние, кои одат онака, како што и вие имате пример во нас! Зашто мнозина, за кои ви зборував многупати, а сега зборувам и со солзи одат како непријатели на крстот Христов. Нивниот крај е погибел; нивниот бог е стомакот; нивната слава е во нивниот срам; тие мислат само на земното. А нашето жителство е на небесата, од каде и Го очекуваме Спасителот, Господа Исуса Христа, Кој ќе го преобрази нашето унизено тело, да се сообрази со Неговото славно тело, според дејствието на Неговата сила, со која може да покори сѐ под Себе.