Филипјаните 1:1-30
Филипјаните 1:1-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Од Павле и Тимотеј, службеници на Исус Христос, Бог, нашиот Татко, и Господ Исус Христос нека ви бидат благонаклонети и нека ви дадат мир. Секојпат кога ќе помислам на вас, Му се заблагодарувам на мојот Бог и секогаш со задоволство се молам за вас, зашто вие ми помагате во ширењето на Радосната вест уште од првиот ден кога ја слушнавте, па се досега. Сигурен сум дека Бог, Кој ја започна оваа добра работа во вас, ќе продолжи да ја води, се додека не ја заврши, на денот кога Исус Христос повторно ќе дојде. Сите сте ми многу драги, и со право ми прираснавте за срце, зашто и вие ја делите со мене оваа привилегија што Бог ми ја даде, сега, кога сум в затвор, како и порано кога бев слободен, да ја бранам и ширам Радосната вест. Бог ми е сведок дека моите чувства спрема сите вас се искрени и дека ве сакам онака како што ве сака и Исус Христос. Се молам и вашата љубов еден спрема друг се повеќе да расте, вашето знаење да се продлабочува, и се потемелно да ги разбирате работите, за да знаете да го одберете она што е најдобро. Така, на денот кога Христос ќе се врати, ќе бидете беспрекорни и чисти. Вашите животи ќе бидат исполнети со вистински вредности, какви што само Исус Христос може да создаде, за слава и величање на Бог. Сакам да знаете, драги пријатели христијани, дека она што ми се случи, помогна Радосната вест уште поуспешно да се шири. Целата царска стража во касарната и сите луѓе што се овде дознаа дека сум затворен поради тоа што проповедам за Христос. Мојот престој во затворот кај повеќето христијани ја зацврсти нивната вера во Господ, ги поттикна да бидат посмели и без страв да ја проповедаат Божјата порака. Навистина, некои тоа го прават од завист и од соперништво спрема мене, но другите со најискрени намери проповедаат за Христос. Оние што го прават тоа од љубов знаат дека Бог ме определи да ја бранам Радосната вест. Оние, пак, што проповедаат од ривалство и нечесни мотиви, сакаат да ми ја наголемат болката додека сум в затвор. Но без оглед на тоа дали мотивите се чисти или не, се проповеда за Христос! А јас на тоа се радувам и ќе продолжам да се радувам, бидејќи знам дека преку вашите молитви и со помошта што доаѓа од Духот на Исус Христос сето ова ќе биде за мое избавување. Јас најискрено се надевам и посакувам во ништо да не потфрлам, исполнувајќи ја својата должност. Сакам секогаш, а посебно сега, да бидам полн со храброст, и со целото мое битие да Му донесам слава на Христос, било преку мојот живот, или преку мојата смрт. Што е животот? За мене тоа е Христос! Што е смртта? За мене тоа е чиста добивка! Но ако останам жив ќе можам плодно да работам за Христос. Затоа, кога би требало јас да избирам, не знам што би одбрал. Растргнат сум од овие две желби: да го напуштам овој живот и да бидам со Христос, зашто за мене тоа е далеку подобро, или да останам овде, во тело, што би било многу покорисно за вас. Со таа увереност ќе останам со сите вас и ќе продолжам да работам, за да напредувате и да се радувате во верата, па кога повторно ќе бидам со вас ќе имате уште поголема причина да се гордеете со вашата вера во Исус Христос и со мене. Трудете се да живеете достојно на Радосната вест на Христос. Без разлика дали сум со вас и можам да видам што правите, или сум отсутен, сакам да слушам само добро за вас: дека еднодушно и сложно се борите за верата што произлегува од Радосната вест. Немојте да се плашите од вашите непријатели. Бидете секогаш храбри. Со тоа ќе им покажете дека тие ќе изгубат, а вие ќе бидете спасени, зашто Бог е на ваша страна. Дадена ви е привилегијата да Му служите на Христос, не само со тоа што ќе верувате во Него, туку и со тоа што ќе страдате за Него, водејќи ја истата борба што ја водев јас, како што и самите видовте, борба што и сега, како што слушате, продолжувам да ја водам.
Филипјаните 1:1-30 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Павле и Тимотеј, слуги на Исус Христос, до сите светии во Христос Исус, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите: благодат и мир вам од Бог, Отецот наш и од Господ Исус Христос! Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас, – во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас – заради вашето учество во Евангелието од првиот ден, па сѐ досега, уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го доврши сѐ до Денот на Исус Христос. И право е да го мислам тоа за сите вас, зашто секогаш ве носам во срце – и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Евангелието, бидејќи сите вие сте мои соучесници во благодатта. Бог ми е сведок колку многу копнеам по сите вас со милосрдноста на Исус Христос. И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познанието и разбирањето на сѐ, за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос, полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога. Сакам, браќа, да знаете дека тие работи, што ми се случија, придонесоа за поголем успех на Евангелието, така што во целата преторија и меѓу сите други стана познато дека сум во окови за Христос; и дека повеќето од браќата во Господ, поттикнати од моите окови, се осмелија, без страв да го проповедаат словото Божјо. Некои, навистина, од завист и желби за кавга, а други од добра волја Го проповедаа Христос: едни Го проповедаат Христос од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието. А другите имаат желба да се препираат неискрено, мислејќи дека ја наголемуваат тежината на моите окови. Другите, пак, проповедаат од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието. Зашто знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исус Христос, како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но со сета моја храброст, како секогаш, така и сега, ќе се возвеличи Христос во моето тело – било со живот, било со смрт. За мене, „да се живее“ значи Христос, а „да се умре“ – придобивка. Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тогаш што да одберам не знам. Измачуван сум и од едното, и од другото: сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу подобро; но да останам во телото е попотребно за вас. Уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе пребивам со сите вас за ваш напредок и радост на верата, та пофалбата ваша во Христос Исус да се умножува преку мене, кога повторно ќе дојдам кај вас. Живејте само достојно за Христовото Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или пак во отсуство слушнам за вас дека стоите во еден дух, борејќи се еднодушно за верата на Евангелието, и во ништо не се плашите од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а за вашето спасение, и тоа е од Бога. Зашто вам ви се даде дар поради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него, борејќи се со истата борба, каква што видовте во мене и сега слушате за мене.
Филипјаните 1:1-30 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Павле и Тимотеј, слуги на Христа Исуса, до сите свети во Христа Исуса, кои се во Филипи, со надзорниците и ѓаконите: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас; непрекратно во секоја своја молитва се молам за сите вас со радост, заради вашето учество во проповедањето на Евангелието од првиот ден досега. Уверен сум во тоа, дека Оној, Кој го почна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христа Исуса. А и право е да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам во срцето сите вас, кои сте соучесници со мене во благодатта - како во моите окови, така и во одбраната и утврдувањето на Евангелието. Зашто Бог ми е сведок како копнеам по сите вас во чувствителното милосрдие на Христа Исуса. И затоа се молам вашата љубов да изобилува сѐ повеќе и повеќе во сознавањето и во секакво расудување, за да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов, исполнети со плодовите на правдата, кои се преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога. А сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна мошне многу за ширењето на Евангелието, така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христа, и дека повеќето од браќата во Господа, охрабрени од моите окови, се осмелуваат сѐ повеќе да го проповедаат без страв Божјото слово. Навистина, едни Го проповедаат Христа од завист и љубов кон препирки, а други од добра волја; едни од љубов, знаејќи дека лежам во окови за одбрана на Евангелието, а други Го навестуваат Христа од нечесно честољубие, не со чиста намера, мислејќи да ми нанесат неволја во моите окови. Но што тогаш? Само тоа: дека на секој начин, било дволично или искрено, Христос се проповеда. И му се радувам на тоа, а и ќе се радувам, зашто знам дека ова - преку вашата молитва и помошта на Духот на Исуса Христа, ќе ми биде за избавување, согласно моето цврсто очекување и надеж, дека во ништо нема да се засрамам; но како и секогаш во сета смелост, така и сега, Христос ќе се возвеличи во моето тело, било преку живот, или преку смрт. Зашто за мене живот е Христос, а умирањето - придобивка. Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи: плодна работа - и не знам што да изберам. Притиснат сум од две страни: имам желба да си отидам и да бидам со Христа, што е далеку подобро, но заради вас е попотребно да останам во телото. И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваше напредување и за радост во верата. И вашата пофалба во Христа Исуса да биде уште поизобилна во мене, заради моето повторно доаѓање меѓу вас. Само однесувајте се достојно за Христовото Евангелие, за да можам јас - било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен да чујам за вас, дека стоите цврсто во еден дух, дека еднодушно се борите заедно за верата на Евангелието, и дека во ништо не се плашите од противниците: тоа е за нив знак за погибел, а за вас за спасение, и тоа од Бога, зашто вам ви се даде милост заради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате заради Него, имајќи ја истата борба, како што видовте во мене, а и сега слушате за мене.