Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Неемија 8:9-18

Неемија 8:9-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Неемија, и книжникот Ез­дра, свештеник, и левитите, кои го поучуваа народот, му рекоа на сиот народ: „Овој ден е свет пред Господ, вашиот Бог; не тажете и не плачете,“ – зашто сиот народ плачеше, слушај­ќи ги зборовите на законот. И им рече: „Одете, јадете добри јадења и пијте добри пијалаци, и ис­пратете им и на оние што немаат при­готвено, зашто овој ден е свет пред нашиот Господ. Не тажете, зашто радоста пред Господ е поткре­па за вас.“ И левитите го утешуваа сиот народ, велејќи: „Престанете, зашто овој ден е свет, не тажете.“ И појде сиот народ да јаде и да пие и да дели и на оние што немаа и да празнува со голема радост, зашто ги разбраа зборовите што им ги кажаа. На другиот ден се собраа старе­шините на родовите од сиот народ, свештениците и левитите кај книжни­кот Ездра, за да им ги објасни зборо­вите на законот. И го најдоа напишаното во за­конот што Господ го беше дал преку Мојсеј дека на празникот во седмиот месец синовите Израелови треба да живеат во колиби. Затоа објавија и разгласија по сите свои градови и во Ерусалим, ве­лејќи: „Одете во гората и донесете вејки од питома маслина, вејки од дива маслина, вејки миртови, вејки палмови и вејки од други широколисни дрвја за да направите колиби според запишаното.“ Отиде народот и донесоа, та си направија колиби, секој на покривот свој и во дворовите свои, и во дворо­вите на Божјиот дом, и на плоштадот кај Водните Порти, и на плоштадот кај Ефремовите Порти. Целата заедница на оние, што се беа вратиле од пленство, направи колиби и живееја во колиби. Од дните на Исус, синот Навинов, та до тој ден не беа правеле така синовите Израе­лови. Радоста беше многу голема. И читаа од книгата на законот Божји секој ден, од првиот ден до последниот. И го празнуваа празни­кот седум дена, а на осмиот ден – се одржа собор според уредбата.

Неемија 8:9-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа намесникот Неемија, и свештеникот и книжевникот Езра и левитите кои го поучуваа народот, му рекоа на сиот народ: „Ова е ден посветен на Господа, вашиот Бог! Не тажете, не плачете!“ Зашто сиот народ плачеше, слушајќи ги зборовите на Законот. И Неемија уште им рече: „Отидете и јадете мрсни јадења, и пијте благо, и испратете им дел на оние, кои немаат ништо подготвено, зашто ова е ден посветен на нашиот Господ. Не нажалувајте се: Господовата радост е ваша сила, И левитите го смируваа сиот народ, велејќи: „Смирете се: ова е свет ден. Не тажете!“ И сиот народ отиде да јаде и да пие, и да испраќа оброци, и да слави голема прослава: зашто ги сфатија зборовите, кои им беа објавени. На вториот ден се собраа главатарите на семејствата на сиот народ, свештениците и левитите околу книжевникот Езра за да ги проучат зборовите на Законот. И најдоа напишано во Законот, што Господ го нареди преку слугата Мојсеј: „Синовите Израелеви нека живеат под сеници за време на свеченостите во седмиот месец.“ Штом чуја, прогласија во сите свои градови и во Ерусалим: „Одете во горите и донесете маслинови гранки, и гранки од диви маслинки, миртови и палмини гранки, и гранки од другите дрва со лисја, за да направиме сеници, како што е пропишано.“ И народот отиде и донесе гранки, и направија сеници, секој врз својот покрив, и во своите дворови, и во дворот на Божјиот Дом, на ширината кај Водната Врата и на онаа кај Ефремовата Врата. Сиот собир на оние, кои се вратија од ропство, направи сеници, и живееја во нив - Израелците не го правеа тоа од времето на Исус, Навиновиот син, сѐ до тој ден. И беше мошне голема радост. Езра го читаше свитокот на Божјиот Закон секој ден, од првиот до последниот. Седум дни се празнуваше празникот, а осмиот ден беше свечен собир, како што е пропишано.