Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Неемија 2:11-18

Неемија 2:11-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Пристигнав во Ерусалим и оста­нав таму три дни. Потоа станав ноќе со неколку ма­жи, што беа со мене, и никому не му кажав што ми ставил Бог на срце да направам за Ерусалим; а немаше никакво добиче со мене, освен она на кое јавав. Така минав ноќе преку Долин­ските Порти накај Изворот на Змејот и низ Гноишните Порти, ги разгледав раз­рушените ѕидишта на Ерусалим и изго­рените негови порти со оган. И дојдов до Изворните Порти и до царскиот базен, но таму немаше место да мине добичето што беше под мене; и се вратив назад по долот ноќе и ги разгледав ѕидиштата и, откако минав пак низ Долинските Порти, се вратив. Но старешините не знаеја, каде одев и што правев: дотогаш не им бев открил ништо ни на Јудејците, ниту на свештениците, ниту на првенците, ниту на началниците, ниту на другите што беа задолжени околу таа работа. Затоа им реков: „Гледате во каква неволја се наоѓаме; Ерусалим опусте, и портите негови со оган се изгорени; да одиме и да ги изградиме ѕидовите на Ерусалим, та да не бидеме веќе за срам.“ И им раскажав дека добрата рака на мојот Бог беше над мене, – и за збо­ровите на царот што ми ги кажа. Па им реков: „Да станеме и да градиме!“ Тогаш им се зацврстија рацете за општо добро дело.

Неемија 2:11-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Откако стигнав во Ерусалим, останав таму три дни. Потоа станав ноќе, во придружба на неколку луѓе, не доверувајќи му никому што мојот Бог ме вдахна да направам за Ерусалим; а немав друго животно освен добичето на кого јавав. И така, излегов ноќе на Долинската Врата и се запатив кон Змевскиот Извор, а потоа кон Вратата на Буништето: го разгледав ерусалимскиот ѕид, каде беше разурнат и вратата што беше изгорена. Го продолжив патот кон Изворската Врата и Царевиот Рибник, но не најдов премин за животното на кое јавав. Затоа се искачив ноќта покрај Потокот, и натаму разгледувајќи го ѕидот, и повторно влегов низ Долинската Врата. Така се вратив, а советниците не забележаа каде отидов и што направив. Сѐ досега не им реков ништо на Евреите: ни на свештениците ни на големците, ни на советниците, ниту на другите настојници. Тогаш им реков: „Гледате во каква неволја сме: Ерусалим е во урнатини, а вратите му се изгорени. Ајде, да го изградиме ерусалимскиот ѕид, за да не бидеме веќе изложени на потсмев“. И им објаснив како добрата рака на мојот Бог беше над мене, а им ги соопштив и зборовите, што царот ми ги беше рекол. „Да станеме - извикаа тие - и да градиме!“ И рацете им зајакнаа за добро дело.