Марко 9:42-48
Марко 9:42-48 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
„Ако некој биде причинител за отстапување од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето! Ако твојата рака те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака, отколку со двете раце да завршиш во пеколот - во вечниот оган! -- Ако твојата нога те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една нога, отколку со две да бидеш фрлен во пеколот! -- Ако твоето око те наведува на грев - ископај го! Подобро е да влезеш во Божјото царство со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во пеколот. Таму црвот не престанува да гризе и огнот не престанува да гори!
Марко 9:42-48 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кој соблазни едно од овие мали, кои веруваат во Мене, подобро ќе му биде да му обесат на вратот воденички камен и да биде фрлен во морето. И ако твојата рака те соблазнува, отсечи ја. Подобро е да влезеш без рака во животот, отколку со двете раце да отидеш во пеколот, во неизгорлив оган, каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува. Ако твојата нога те соблазнува, отсечи ја! Подобро е за тебе да влезеш во животот хром, отколку со двете нозе да бидеш фрлен во пеколот, каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува. И ако и твоето око те соблазнува, извади го! Подобро е за тебе да влезеш во Божјото Царство со едно око, отколку да бидеш со двете очи фрлен во пеколот, каде нивниот црв не умира, и огнот не изгорува.
Марко 9:42-48 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
„А кој ќе соблазни едно од овие малите, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море. И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган, (каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.) И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во пеколот, во неизгасливиот оган, (каде што нивниот црв не умира ни огнот не изгаснува.) И, ако окото твое те соблазнува, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во огнениот пекол, каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.