Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 9:14-29

Марко 9:14-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив. Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават. Исус ги запраша: „За што се расправавте?“ Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е. Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“ Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“ Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена. Исус го праша таткото на момчето: “Од кога му е вака?“ “Уште од детството“ - одговори таткото. „Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“ „Зошто велиш: ?Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус. Со силен глас, таткото извика: „Верувам, но помогни ми да не се сомневам!“ Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него. Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе. Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе. Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“ Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва.“

Марко 9:14-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книж­ни­ци, кои се препираа со нив. И штом Го виде, сиот народ се ис­плаши; а кога се приближија, Го поздравуваа. Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“ Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух; и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на уче­ниците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“ А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До ко­га ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“ И кога го доведоа кај Него – штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството; и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“ А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сѐ е можно за оној што верува!“ И одеднаш таткото на момчето из­вика и со солзи рече: „Верувам, Гос­поди, помогни му на моето неверие!“ А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“ И кога извика, силно го стресе и из­лезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го исте­раме?“ Им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“

Марко 9:14-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И кога дојдоа при учениците, видоа многу големо множество околу нив и книжници, кои се препираа со нив. И штом целото множество Го виде, се зачудија, и се стрчаа и Го поздравуваа. И ги праша: „За што се препирате со нив?“ А еден од народот му одговори: „Учителе, Ти го доведов сина си, во кого е нем дух; и кога го фаќа, го кутнува, а тој се пени, чкрта со забите и се здрвува. Им реков на Твоите ученици да го истераат, но не можеа.“ А Тој одговори и рече: „О неверен роде, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!“ И Му го доведоа. А штом духот го виде, веднаш го стресе и тој падна на земја, се тркалаше и се пене-ше. Тогаш го праша татка му: „Колку време има откако му се случува ова? А тој рече: „Од детството, а често го фрла во оган и во вода - за да го погуби. Но, ако можеш нешто, смилувај ни се и помогни ни!“ Исус пак му рече: „Ако можеш нешто! Сѐ е можно на оној, кој верува!“ Таткото на детето веднаш извика и рече: „Верувам! Помогни му на моето неверие!“ А Исус штом виде дека придојдува народ, му се закани на нечистиот дух и му рече: „Нем и глув душе, Јас ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него!“ И извика, и го стресе силно детето и излезе. И беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. А Исус го фати за рака, го поткрена и тоа стана. А кога дојде во една куќа, Неговите ученици Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ И им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност