Марко 6:30-34
Марко 6:30-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Апостолите повторно се собраа кај Исус и почнаа да Му раскажуваат за делата и поуките што ги извршиле. Но многу народ постојано доаѓаше и си заминуваше, така што апостолите немаа време ни да јадат. Затоа Исус им рече: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“ Тргнаа со бротче на едно такво место, но голем број луѓе видоа во кој правец отпловија, па побрзаа пеш од сите краишта и први втасаа таму. Кога Исус излезе од бротчето, виде голема толпа народ, која прилегаше на стадо овци без пастир. Му падна жал за луѓето, па почна да ги поучува за многу нешта.
Марко 6:30-34 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и поучувале. А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат. И отидоа со кораб сами во осамено место. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; и ги испреварија (и се собраа околу Него). А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и почна да ги поучува многу.
Марко 6:30-34 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И апостолите се собраа при Исуса и Го известија за сѐ што направиле и што поучувале. И им рече: „Дојдете вие сами, на пусто место и починете си малку!“ Зашто, мнозина доаѓаа и си заминуваа, и немаа време ни да јадат. И отидоа со кораб на пусто место насамо. Но ги видоа кога заминуваа и мнозина Го познаа и се запатија пеш, од сите градови, и стигнаа пред нив. А кога излезе од коработ, виде големо множество и се сожали за нив, зашто беа како овци без пастир, и почна да ги поучува многу.