Марко 3:1-6
Марко 3:1-6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака. И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат. А Тој му рече на човекот со исушената рака: „Застани насреде!“ Ним, пак, им кажа: „Во сабота дозволено ли е да прави човек добро или зло; да спаси една душа или да ја погуби?“ Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!“ Тој ја протегна и таа му стана здрава, како и другата. Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со Иродовците на совет против Него, како да Го погубат.
Марко 3:1-6 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Исус повторно влезе во тамошната синагога и таму сретна еден човек со парализирана рака. Фарисеите сакаа да Го обвинат Исуса, па Го демнеа, за да видат дали ќе го исцели човекот во саботен ден. Исус му се обрати на човекот со парализирана рака: „Дојди, застани пред сите!“ Потоа праша: „Што треба да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спаси некој човечки живот, или да се уништи?“ Сите молчеа. Исус налутено ги изгледа сите по ред. Сепак, Му стана жал за нив, поради нивната тврдоглавост. Потоа му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи и раката му оздраве. Фарисеите веднаш излегоа и заедно со приврзаниците на Ирод се договорија да Го убијат Исуса.
Марко 3:1-6 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И влезе пак во синагогата, а таму имаше човек со исушена рака. И Го набљудуваа, дали ќе го излечи во сабота, за да Го обвинат. И му рече на човекот, кој имаше сува рака: „Застани насреде!“ И им рече: „Дали е дозволено во сабота: да се прави добро или зло? Да се спаси душа, или да се погуби?“ А тие молчеа. Тогаш ги изгледа, наоколу, со гнев, и натажен заради закоравеноста на нивните срца, му рече на човекот: „Протегни ја раката!“ И тој ја протегна и стана пак здрава неговата рака. А фарисеите, кога излегоа, веднаш се советуваа со иродовците против Него, за да Го уништат.