Марко 16:15-20
Марко 16:15-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Па им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. А знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат демони; ќе говорат нови јазици; ќе фаќаат змии и ако нешто смртоносно испијат, нема да им наштети; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.“ А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чуда, што се јавуваа. Амин!
Марко 16:15-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Потоа им рече: “Одете по целиот свет и проповедајте им ја Радосната вест на сите луѓе! Секој што ќе поверува и ќе се крсти - ќе биде спасен. А секој што ќе одбие да поверува - ќе биде осуден. Оние што ќе поверуваат, ќе можат да извршуваат чуда: со помош на Моето име ќе изгонуваат демонски духови, ќе зборуваат на нови јазици, со раце ќе фаќаат змии, ќе испиваат отрови и нема да се отрујат, ќе исцелуваат болни со ракополагање врз нив.“ Откако на Своите ученици им ги упати овие зборови, Господ Исус се вознесе на небото и седна до Бог, од Неговата десна страна. А учениците се разотидоа и почнаа да проповедаат насекаде. Господ беше со нив и преку чудата што тие ги извршуваа потврдуваше дека тоа што го зборуваат е вистина.
Марко 16:15-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
И им рече: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание! Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици; ќе фаќаат змии; ако испијат и нешто смртоносно - нема да им напакости. Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат. А Господ Исус, откако им го рече тоа, се вознесе на небо и седна оддесно на Бога. А тие излегоа и проповедаа насекаде; а Господ помагаше и го утврдуваше словото со знаци, кои го придружуваа. Амин!)