Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 1:29-38

Марко 1:29-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Штом излегоа од синагогата, дојдоа со Јаков и Јован во куќата на Симон и Андреј. А тештата на Симон лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа. Тој пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана и ги служеше. А приквечер, кога заоѓаше сонцето, кај Него донесуваа секакви болни и бесомачни. И целиот град се беше собрал пред портата. И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу демони и не им дозволуваше на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја. А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде на пусто место и таму се молеше. А Симон, и оние што беа со Него, тргнаа да Го бараат; па, кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ А Тој им рече: „Да појдеме до блис­ките села и градови, и таму да про­по­ве­дам, зашто затоа сум дошол.“

Марко 1:29-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Напуштајќи ја синагогата, во придружба на Јаков и Јован, Исус отиде во куќата на Симон и Андреј. Таму Му кажаа дека тештата на Симон лежи болна со силна треска. Исус влезе кај неа, ја фати за раката и ја поткрена. Треската веднаш и престана и таа почна да ги послужува. Вечерта, по зајдисонце, сите што беа болни или обземени од демони ги доведуваа кај Исус. Целиот град се собра пред вратата. Исус ги исцелуваше сите заболени од најразлични болести и ги ослободуваше од демонски духови. Демоните знаеја Кој е Исус, но Тој не им дозволуваше да кажат. Рано утредента, уште в мугри, Исус стана и отиде на молитва, сам, на тивко место. Симон и другите тргнаа да Го бараат. Кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ А Тој им одговори: „Да одиме на друго место, во соседните градови, за да им проповедам и ним, бидејќи за таа цел сум дојден.“