Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 1:1-15

Марко 1:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Ова е почетокот на Радосната вест за Божјиот Син Исус Христос. Таа започна онака како што беше предвестено од Бог, во Книгата напишана од пророкот Исаија: “Ќе испратам Свој гласник, да ти го подготви патот. Низ пустината ќе одекнува неговиот глас: ?Пригответе пат за доаѓањето на Господ! Исправете го патот за Него!‘“ Тој гласник беше Јован Крстител кој се појави во пустината и започна да проповеда крштавање како знак за обраќање кон Бог заради простување на гревовите. Кај него почнаа да доаѓаат луѓе од цела Јудеја и од Ерусалим. Тие ги исповедаа своите гревови, а Јован ги крштаваше во реката Јордан. Јован носеше облека исплетена од камилски влакна и беше препашан со кожен појас. Се хранеше со скакулци и див мед. Тој им зборуваше на луѓето: „По мене доаѓа многу голем човек! Јас не сум достоен ни ремењата од Неговите сандали да Му ги одврзам! Јас сега ве крштавам со вода, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух.“ Во тоа време дојде Исус од Назарет во Галилеја и Јован Крстител Го крсти во реката Јордан. Во моментот кога Исус излегуваше од водата, Јован виде како се отвори небото и Светиот Дух во облик на гулаб слезе врз Исус. Се чу и глас од небото: „Ти си Мојот сакан Син; со Тебе Сум наполно задоволен!“ Веднаш по ова, Божјиот Дух Го одведе Исуса во пустината. Таму Тој остана четириесет дена и Сатаната Го искушуваше. Исус живееше сред диви животни, но ангелите се грижеа за Него. Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест. Говореше: „Дојде времето! Божјото царство се приближува! Покајте се и верувајте во Радосната вест!“

Марко 1:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Почеток од Евангелието на Исус Христос, Син Божји. Како што е напишано кај проро­к Исаија: „Еве, Јас го испраќам пред ли­цето Твое Мојот ангел, кој ќе го при­готви Твојот пат пред Тебе: ‚Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господ, из­рамнете ги патеките Негови.‘“ Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите. И доаѓаа кај него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и тој ги крш­та­ва­ше сите во реката Јордан, а тие ги ис­по­ведаа своите гревови. А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и се хранеше со скакулци и див мед. Тој проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги од­вр­зам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крс­ти со Дух Свети.“ А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јован во Јор­дан. И кога излегуваше од водата, вед­наш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува над Него. И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.“ Веднаш потоа Духот Го изведе во пустината. И беше таму, во пустината, че­ти­ри­е­сет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеа. А потоа, откако Јован беше зат­во­рен, дојде Исус во Галилеја и ја про­по­ведаше радосната вест за царството Божјо, и велеше: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието.“

Марко 1:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Почеток на Евангелието за Исуса Христа, Божјиот Син. Како што е пишано кај пророците: „Ете, Јас го испраќам Сво-јот гласник пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат; гласот на оној, кој вика во пустината: ‘Пригответе го патот на Господа, израмнете Му ги патеките’.“ Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно кршта-вање за проштавање на гревовите. И излегуваше при него целата Јудејска страна и сите ерусалимци; и тој ги крштаваше во реката Јор-дан, при што тие ги исповедуваа своите гревови. А Јован беше облечен во облека од камилски влакна и имаше кожен појас околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед. И проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух.“ И во тоа време, Исус дојде од Назарет во Галилеја, и Јован Го крсти во Јордан. И веднаш, додека излегуваше од водата, виде: како се отворија небесата и Духот како слегува над Него како гулаб. И се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син; во Кого Ми е милината!“ Веднаш потоа Духот Го одведе во пустината. И беше во пустината четириесет дни, иску-шуван од сатаната. И беше меѓу ѕверови; и ангели Му служеа. А откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја, пропове-дајќи го Божјото Евангелие. И зборуваше: „Времето се исполни, и наближи Божјото Царство; покај-те се и верувајте во Евангелието!“